Вештачката интелигенција може да предизвика сериозни потреси на пазарот на трудот

Платформите за генеративна вештачка интелигенција, вклучително и четботот ChatGPT, можат да предизвикаат „сериозни потреси“ на пазарот на трудот, објавија авторите на студијата спроведена од експерти на американската инвестициска банка „Goldman Sachs“.

Анализата на американскиот и европскиот пазар на труд покажала дека две третини од работните места би можеле да се автоматизираат, барем до одреден степен.

Во повеќето професии во САД изложени на такво ризик, вештачката интелигенција може делумно да замени меѓу 25 и 50 отсто од вработените, заклучија аналитичарите. Тие укажуваат дека на глобално ниво, до 300 милиони работни места може да бидат погодени од појавата на вештачката интелигенција.

Сепак, нејзината употреба може да ја зголеми продуктивноста на трудот и „со текот на времето“ да доведе до зголемување на глобалниот бруто домашен производ до 7 отсто, се вели во извештајот на „Goldman Sachs“. Во него се наведува и дека некои работни места ќе бидат повеќе погодени од вештачката интелигенција од другите. На пример, занимањата кои бараат тешка физичка работа имаат помала веројатност да бидат значително погодени.

Во САД, најголем дел од работните места коишто би можеле најбрзо да се автоматизираат се во административните активности за поддршка во приватниот и јавниот сектор (46 отсто), правните (44 проценти), а потоа следат позициите во архитектурата и инженерските активности (37 отсто). Во финансискиот бизнис сектор, според експертите на „Goldman Sachs“, може да се заменат 35 отсто од работните места.

Податоците за Европа даваат слична слика. Најпогодени од вештачката интелигенција може да бидат работните позиции во помошните административни активности, до 45 отсто, а најмалку оние поврзани со занаетчиството до 4 проценти.