Израелската полиција застрела момче во ерусалимскиот Стар град

Израелската полиција убила 26-годишник во Ерусалим во близина на џамијата Ал Акса тврдејќи дека успеал да дојде до полициско оружје, но очевидци и некои израелски портали ја ставаат во прашање полициската верзија на инцидентот.

Полицијата објави дека момчето при испитувањето го зграбил службениот пиштол на еден од полицајците и двапати истрелал од него, пред да биде смртно застрелан.

Младиот маж е идентификуван по потекло од арапско село во близина на пустината Негев на југот од Израел. Весникот Haaretz во своето електронско издание објави дека убиениот неодамна завршил медицинско училиште.

Според израелскиот информативен портал ynet, очевидец рекол дека момчето било застрелано откако ѝ дошло на помош на жена којашто се нашла во конфликт со полицијата. Овие тврдења израелската полиција ги отфрли како невистинити, иако неколку израелски медиуми изразија сомневање во полициското објаснување на настанот.

Семејството на 26-годишникот од полицијата бара објаснување за инцидентот и објавување снимки од пукањето. Портпаролот на полицијата изјави дека немало надзорни камери во близината каде што се одиграл настанот, како и дека камерите на безбедносните сили во таа област не моќеле да го снимат случувањето.

Во саботата дводневен сеопшт протест е најавен во селото во кое живеел убиениот 26-годишни. И други арапски населби во Израел најавија дека ќе се придружат на протестот во недела.

Инцидентот според првичните сознанија се случил на влезот во комплексот на џамијата Ал Акса.

Џамијата Ал Акса, третото по важност свето за муслиманите го нарекуваат Платото на џамијата а Евреите Ридот на храмот во ерусалимскиот Стар град. Кралството Јордан со мировниот договор со Израел од 1994 година доби дозвола да се грижи за муслиманските свети места на Ридот на храмот во Ерусалим.

Овој простор е сцена на големи тензии откако израелските власти во август 2015 година наметнаа ограничување за влез на палестинските верници во комплексот на џамијата ал-Акса, по инцидент кога милитантни се сокрија во него. Палестинците, пак, стравуваат дека ултраортодоксните Израелци ќе го обноват древниот еврејски храм.

Според официјалните податоци, повеќе од 200.000 муслимански верници во комплексот Ал Акса го одбележале вториот петок од светиот месец рамазан.

Пред почетокот на муслиманскиот месец на постот, многу земји од регионот и на западот изразија стравување дека тензичната ситуација во Израел во врска со правосудните реформи може да се влоши. Израелската полиција, пак, соопшти дека првата седмица од рамазан минала без поголеми инциденти.

Последните денови беа изразувани и стравувањата поради можни насилства, бидејќи и христијанскиот Велигден и еврејската Пасха се совпаѓаат во времето на рамазан, имајќи предвид дека екстремните јудаистички групи покажуваат нетрпеливост и кон христијаните и муслиманите, и особено затоа што од почетокот на годината избувна нов бран на израелско-палестинско насилство, но интензитетот опадна пред десетина дена.

Насилните судири меѓу Палестинците и израелските безбедносни сили последните години е повторуваат на областа околу џамијата Ал Акса, Ситуацијата во 2021 година ескалираше во 11-дневни судири меѓу израелската војска и исламистичкото движење Хамас кое ја контролира палестинската енклава Појасот Газа.