Во Македонија гласале 453 Бугари

Според бугарски медиуми, бројот на бугарски државјани кои гласале на избирачки места во РСМ бил 453. За споредба, на изборите во октомври лани гласале 461. Од 3.504 граѓани кои се изјаснија за Бугари на последниот попис во државава, на неделните избори за бугарското собрание на седумте избирачки места во Македонија гласале 453 лица или 13 отсто од вкупниот број граѓани што се изјасниле како Бугари.
Две од овие гласачки места беа во официјални државни претставништва – амбасадата на Бугарија во Скопје и генералниот конзулат во Битола, додека другите се во хотели, приватни објекти или во трговски центар. Освен во Скопје и Битола, Бугарите гласаа и во Струмица, Тетово, Охрид, Кавадарци и Прилеп.
„Најголемиот број гласачи се во Скопје, каде во бугарската амбасада, правото на глас го реализирале 186 лица, малку повеќе од оние што гласаа на изборите во октомври минатата година, кога во Скопје гласаа 172 лица. Во Охрид гласале 65, а во Битола 55 гласачи“, објави 24 часа. Според весникот, најмалку гласачи (7) гласале во Тетово.