По Париз и во Германија барања за забрана на електричните тротинети

По референдумот на кој жителите на Париз се решија за забрана на електричните тротинети и во Германија се сѐ погласни барањата за построги правила при користењето на овие возила, пренесуваат германските медиуми во вторникот.

„И во Германија градовите сега мора да ги искористат сите правни механизми за да се ограничи изнајмувањето на електричните тротинети и тротоарите, парковите и плоштадите целосно да се ослободат од овие возила“, стои во соопштението на здружението на пешаци Fuss.

Натаму се наведува дека искуството од Париз покажало дека електричните тротинети ги изнајмуваат исклучиво младите и туристите чисто од забава, како и дека првичната идеја, според којашто со тротинетите може да се користат лицата кои одат на работа и со тоа да се намалат емисиите на CO2, се покажа како погрешна.

Претставникот на германското Здружение на градовите и општините, Герд Ландсберг, во разговорот за весникот Augsburger Allgemeine, ја отфрли забраната за изнајмување по примерот на Париз, и се заложи за построги казни и правила при изнајмувањето.

„Проблемите со електричните тротинети за изнајмување во сите градови се слични, но забраната е погрешниот пат. Тоа што е потребно, се построгите правила“, вели Ландсберг.

Смета дека сојузните покраини на градовите мора да им дадат законски овластувања, според коишто градовите сами ќе им одредуваат на понудувачите по кои правила ќе ги изнајмуваат електричните тротинети.

Исто така, смета Лендсберг, на сојузно ниво потребно е законите за безбедноста во сообраќајот да се прилагоди користењето на овие возила. Тоа, во прв ред, се однесува на правилата на паркирањето, додава претставникот на Здружението на германските градови и општини.

Освен хаосот при паркирањето на електричните тротинетите коишто корисниците често ги оставаат насреде тротоарите, има и потреба од построги казни при управувањето во алкохолизирана состојба и со преголема брзина.

Претставникот на германскиот Синдикат на полицајците, Микаел Мартенс, изјави во разговорот за медиумската мрежа RND дека смета оти електричните тротинети се пребрзи, како и дека е потребно вградување на ограничување на брзината.

„Електричните тротинети едноставно се пребрзи. Наместо сегашните 20 километри на час, брзината би требало да биде ограничена на најмногу 15 километри на час“, вели Мартенс.

Заклучува дека кај понудувачите во Германија „недостасува волја“ за промени поради страв дека ќе се намали бројот на корисниците.

Жителите на француската престолнина на референдумот во неделата со 89 отсто гласови се определија за забрана на изнајмувањето на електричните тротинети, а забраната треба да стапи на сила на 1-ви ноември. Изнајмувањето на електричните тротинети пред Париз, веќе беа забранети и во други светски метрополи, како Бостон и Торонто.