
Поранешниот италијански премиер, во четири мандати, и актуелен сенатор 86-годишниот Силвио Берлускони долго боледува од леукемија, а моментално се лекува на одделот за интензивна нега поради белодробна инфекција, изјавија во четвртокот неговите лекари.
Во соопштението за медиумите, лекарите наведуваат дека Берлускони има хронична миеломоноцитна леукемија. Тој во моментов се наоѓа на „одделот за интензивна нега поради лекување на белодробна инфекција“, се наведува во соопштението и се додава дека таа болест е поврзана со неговиот рак на крвта.
Берлускони веќе започнал со хемотерапија, објавија италијанските новински агенции ANSA и Adnkronos во четвртокот попладнето, цитирајќи извори блиски до челникот на партијата Напред Италија (Forza Italia) којашто е дел од владејачка коалиција. Според објавата, првата доза ја примил уште во средата вечерта.
Берлускони во средата беше примен во миланската болница „San Raffaele“ во средата поради кардиоваскуларни и респираторни проблеми и од тогаш е на одделот за интензивна нега. Поранешниот премиер е во стабилна состојба, рече италијанскиот министер за надворешни работи Антонио Тајани.
Тајани кој е потпретседател на партијата на Берлускони, за италијанската телевизија RAI во четвртокот наутро изјави дека телефонски разговарал со неговиот лекар Алберто Ѕангрило. Според него, Берлускони минал „мирна ноќ“ во болницата.
„Се надеваме дека лавот наскоро ќе се врати. Никогаш не се предаваше. Остануваме оптимисти!“, изјави Тајани.
Во средата Берлускони во болницата го посетиле децата и братот Паоло, според медиумите. Напуштајќи ја болницата Паоло за новинарите рекол дека „неговата состојба е стабилна, тој е карпа“.
Политичките сојузници на поранешниот премиер му упатија желби за брзо закрепнување. Премиерката Џорџа Мелони му посака на Берлускони „брзо закрепнување од длабочината на срцето“. „Форца Силвио!“ напиша таа во средата на Twitter.
Кога името на Берлускони беше прочитано во текот на гласањето во Сенатот, со напомена дека лидерот на Напред Италија е отсутен, неговите колеги сенатори силно ракоплескаа.
Само до минатиот четврток Берлускони беше отпуштен по четирите дена престој во истата болница. Официјално се зборуваше за рутинските прегледи по тешката операција на срцето во 2016 година, кон крајот на 2020 година прележа тешка форма на ковидот и се лекуваше од воспаление на белите дробови, а минатата 2022 година беше хоспитализиран поради инфекција на уринарниот тракт. Меѓутоа, според извештаите, Берлускони веќе се лекувал поради овој кардиоваскуларен проблем.