
На својата 75та годишнина, која се совпаѓа со Светскиот ден на здравјето, Светската здравствена организација (СЗО) ја започнува целогодишната кампања Здравје за сите. За да се обезбеди здравје за сите, потребни се достапни, висококвалитетни здравствени услуги, силна здравствена работна сила која обезбедува нега фокусирана кон пациентите, како и креатори на политики кои се посветени кон вложување во универзална здравствена покриеност.
„Годишнината на СЗО претставува можност да се осврнеме кон постигнатите успеси од областа на јавното здравје во минатото, но и да се фокусираме на соочување со идните предизвици со наука, решенија и солидарност“, истакна д-р Ане Јохансен, Специјална претставничка на СЗО во Северна Македонија и в.д. Шефица на канцеларијата на СЗО во Скопје.
СЗО ја поддржува Северна Македонија во јакнењето на примарната здравствена заштита, која е темелот на јавното здравство. Преку техничка експертиза и поддршка, СЗО ја поддржува државата во надминувањето на идентификуваните предизвици кои го попречуваат пристапот на луѓето до услуги за здравствена заштита. „Нашата цел е сите граѓани во Северна Македонија да имаат пристап до висококвалитетна здравствена заштита, без оглед на местото на живеење или социоекономскиот статус“, додаде д-р Јохансен.
СЗО истовремено работи со Министерството за здравство во насока на заштита, поддршка и зголемување на здравствената работна сила како стратешки приоритет. Ова вклучува вложување во едукацијата и развојот на вештините на здравствените работници за да се подобри квалитетот на здравствените услуги, како и унапредување на работните можности за здравствените работници.
Препознавајќи ја важната улога на Министерството за здравство во постигнувањето на овие цели, СЗО го поддржува и јакнењето на владеачките и управувачките функции на Министерството. Работата на СЗО во Северна Македонија вклучува и поддршка за здравјето на мајките и децата, намалување на факторите за ризик за незаразни болести со цел превенција и контрола, ментално здравје, имунизација, подготвеност за итни состојби и одговор и голем број други области.
„Ќе продолжиме да го поддржуваме напредокот кон универзална здравствена покриеност, заштитата на граѓаните при на јавно-здравствени кризи, унапредување на здравјето и добросостојбата на сите граѓани, како и јакнење на капацитетот на Министерството за здравство за развој и спроведување на политики засновани на докази со кои се подобруваат здравствените резултати“, рече д-р Јохансен.
Во глобални рамки, постигнувањата во областа на јавното здравје во текот на последните седум децении со кои се подобри здравјето, добросостојбата и квалитетот на живеење на луѓето во целиот свет се добро познати: искоренување на големите сипаници, речиси целосно елиминирање на пет тропски болести, системско воспоставување на рутинска имунизација, намалување на бројот на случаи со детска парализа (полио) за 99%, креирање на првата вакцина против маларија, развој на нови пристапи за контрола на туберкулоза, обезбедување пристап до безбедна вода за милијарди луѓе, и многу други.
Меѓутоа, пандемијата со КОВИД-19 ги наруши здравствените системи, економии и општества. „Светот виде дека кога здравјето е под ризик, сѐ е под ризик. Учејќи од најлошата пандемија во нашата историја, СЗО е подготвена да ги поддржи земјите од светот во утврдувањето на договорот за одговор при пандемии, ревизијата на Меѓународните здравствени регулативи и другите финансиски, управувачки и оперативни иницијативи за светот да се подготви за идни закани од пандемии“, заклучи д-р Јохансен.
Патоказот на СЗО за обновување го предвидува следното:
- Унапредување на здравјето преку разрешување на главните причини за болести, што е клучно за да се постигне нашата цел која предвидува дополнителна една милијарда луѓе кои имаат подобро здравје и добросостојба.
- Обезбедување на здравје преку преориентирање на системите кон примарната здравствена заштита, што е клучно за да се постигне нашата цел која предвидува дополнителна 1 милијарда луѓе кои имаат придобивки од универзалната здравствена покриеност.
- Заштита на здравјето преку јакнење на глобалната архитектура за јавно-здравствена подготвеност, одговор и отпорност.
- Јакнење на здравјето преку искористување на истражувања, иновации, податоци, дигитални технологии и партнерства.
- Реализација на активности за здравјето преку градење посилна СЗО што обезбедува резултати и е зајакната да ја извршува својата водечка улога во глобалното здравје.