За повеќето Германци погрешно е гаснењето на нуклеарките

Само неколку дена пред гаснењето на последните германски нуклеарни централи кои сѐ уште се во функција, резултатите од испитувањето на јавното мнение покажаа дека повеќето Германци се противат на овој потег.

Според анкетата што ја спровел институтот INSA за германскиот неделник Bild am Sonntag, 52 отсто од испитаниците сметаат дека е погрешно следната седмица од електричната мрежа да бидат исклучени последните три нуклеарни централи, а 37 отсто ја поддржуваат таа одлика. Околу 11 проценти од анкетираните не се изјасниле недвосмислено околу ова прашање.

Сите германски нуклеарни централи требаше да бидат згаснати до крајот на 2022 година според политиката на којашто се согласи владата на поранешната канцеларка Ангела Меркел, поттикната од нуклеарната катастрофа во јапонската централа Фукушима во март 2011 година, по разорниот земјотрес во морето со магнитуда 9 според Рихтер и гигантското цунами со бранови повисоки од десетина метри.

Меѓутоа, минатата година последиците од војната во Украина и намалувањето до речиси запирање на снабдувањето со рускиот гас ја доведоа во прашање способноста на најголемата според обемот економија во Европа да продолжи со нормалното функционирање во индустријата, а под закана беше и снабдувањето на домаќинствата во земјата со затоплување во текот на постудените месеци.

Канцеларот Олаф Шолц, од Социјалдемократската партија на Германија (SPD) која имаше голем удел во носењето на одлуката за гаснење на нуклеарките во рамките на претходната влада водена од демохристијаните, се соочуваше со раскол во својата трипартитна владејачка коалиција со зелените и либералдемократите, и беше присилен да донесе одлука три нуклеарни централи да остави во функција до 15-ти април годинава.

Критичарите на таквата одлука тврдат дека Германија со своето целосно откажување од нуклеарната енергија му го врти грбот на попристапниот и сигурен извор на енергија, кој исто така се смета и за главно еколошки прифатлив. Водството на најголемата опозициска сила сојузот на Христијанско-демократската унија (CDU) и баварската Христијанско-социјална унија (CSU) остро го критикуваше гаснењето на нуклеарните централи.

„Тешко е да се најден некого во странство кој има разбирање за фактот дека Германија, во најголемата енергетска криза во (последните неколку) децении, ги гасне трите сигурни централи без CO2 и наместо тоа се враќа на јагленот и гасот“, изјави Фридрих Мерц за порталот Web.de.

Мерц, фактот што Германија ја издржа зимата без економска криза или недостиг од гасот, го припиша на благите температури и заштедите на енергијата во индустријата и домаќинствата.

Заменикот на шефот на пратеничката група на социјалдемократите во германскиот парламент, Матијас Миерш за Web.de, напротив, вели дека „Пред секое гаснење на реактор, љубителите на нуклеарниот на ѕидот го насликаа прекинот на електричната енергија. Никогаш не се случи прекин во снабдувањето“ .