
Во сообраќајна несреќа во североисточниот дел на Грција во близина на градот Александруполи, животот го загубија шест лица, откако автомобил со нелегални мигранти за да ѝ побегне на полицијата возел во спротивна насока и се судрил со патничко возило, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од грчката полиција, автомобилот што ја предизвика несреќата, не застанал на знак на полицијата и во обид да избега ја зголемил брзината и влегол во спротивна насока на автопатот Егнатиа во делот меѓу градовите Александруполи и Комотини по што директно се судрил со автомобил со кој управувал 46-годишен Грк.
Судирот бил трагичен за двајцата возачи и било откриено дека во првиот автомобил се пренесувале десет нелегални мигранти, а возачот веројатно бил криумчар.
Освен двајцата возачи, животот го загубиле и четиворица од нелегалните мигранти, а другите шестмина мигранти со повреди биле пренесени во болницата во Александруполи.