Членките на Г7 против насилната промена на меѓународниот поредок

Во понеделникот групата Г7 предупреди против секој обид за насилно менување на меѓународниот поредок во светлината на руската инвазија во Украина и сè попродорната Кина.

„Ние цврсто отфрламе какви и да се еднострани обиди за промена на статус-квото со сила“, рече во понеделникот јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши.

Шефовите на дипломатиите на седумте развиени земји разговараа за ситуацијата во Индопацификот.

„Ќе му ја покажеме на светот големата решеност на групата Г7 да го зачува меѓународниот поредок заснован на владеење на правото“, додаде Хајаши.

Групата останува „посветена на зајакнување, целосно координирање и спроведување на санкциите против Русија“, соопшти јапонското Министерство за надворешни работи по првиот состанок во понеделникот.

Хајаши нагласи дека е важно да се зачува единството меѓу членките на Г7 и другите земји кои го делат нивниот став за да се продолжи со помошта за Украина, се вели во соопштението.

Министрите повторија дека Русија „мора веднаш и безусловно да ги повлече сите војници и оружје од украинска територија“.

Седумте министри, исто така, ја осудија одлуката на рускиот претседател Владимир Путин да го распореди своето нуклеарно оружје во Белорусија, велејќи дека оваа „неодговорна нуклеарна реторика е неприфатлива“.

„Понатаму, министрите се согласија да ја зајакнат координацијата за да се спречи и да се одговори на затајувањето на санкциите, како и на снабдувањето со оружје од трета страна за Русија.

Министрите ќе разговараат и за сè поборбената реторика на Кина и активностите кон Тајван, севернокорејското ракетно тестирање, како и неодамнешното насилство во Судан.

Средбата се одржува пред самитот на лидерите на Г7 во Хирошима во мај. Покрај Јапонија, Г7 ги вклучува и Обединетото Кралство, Канада, Франција, Германија, Италија и САД.