Дачиќ нема да оди во Стразбур ако Косово биде примено во Советот на Европа

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ во понеделникот изјави дека нема намера да патува во Стразбур по повод двете децении од приемот на Србија во Советот на Европа, доколку поранешната јужна српска покраина Косово и Метохија, која еднострано во 2008 година со поддршка на САД и главните земји од Европската унија прогласи независна Република Косово биде примена во таа институција ден подоцна.

На прес-конференцијата, по средбата со шефицата на дипломатијата на Габон, Јоланда Нионде, Дачиќ рече дека на 10-годишнината од Бриселскиот договор меѓу Белград и Приштина, постигнат под покровителство на ЕУ, се соопштува дека Комитетот на министри на Советот на Европа ќе ја започне процедурата за прием на Косово во таа институција.

„Ако тоа е вистина, нема да одам во Стразбур, бидејќи нешто што не е држава никогаш не било примено во Советот на Европа“, рече Дачиќ.

Ја прекори Унијата, оценувајќи дека е невозможно да се брани територијалниот интегритет на Украина од една страна, а во исто време, од друга страна, да се урива територијалниот интегритет на Србија, која во својот Устав го гледа Косово како составен дел на нејзина територија и не ја признава независноста што ја прогласи Приштина во 2008 година.

Дачиќ потсети и на посветеноста на властите во Приштина преземени во Брисел во 2013 година за формирање на Заедницата на српските општини (ЗСО) на Косово, што беше нагласено во неодамна прифатениот предлог за европски договор за нормализација на односите меѓу двете страни и во дополнителниот Анекс на тој договор договорен на 18-ти март во Охрид.

Србија, додаде Дачиќ, нема да дозволи нејзината „конструктивност да се гледа како слабост“ и дека Косово, десет години по потпишувањето на договорот и отфрлањето на обврската за формирање на ЗСО, треба да биде „наградено со започнување на процедурата“ за прием во Советот на Европа.

„Тоа е таков фаул, што е непростлив“, потенцираше Дачиќ.

Покрај можната посета на Стразбур, која е доведена во прашање, Дачиќ најави и претстојни разговори со министрите за надворешни работи на Шведска и Франција.