
Договорот со Бехтел и Енка за изградба на Коридорите 8 и 10 Д останува тајна за јавноста и пратениците кои треба да ги направат контроверзните законски измени, но документот со одредени класифицирани делови ќе биде испратен на Јавното Обвинителство за да се провери дали се точни наводите за можна корупција од владини функционери.
Во меѓувреме и премиерот призна дека власта бара начин како да ја тргне опозицијата од комисиите за законски измени поврзани со Договорот.
Денеска се одложи комисијата за труд и социјална политика за воведување на 60 часовна работна недела, а која е заглавена со над 1000 амандмани на Левица. Неофицијално, се размислува за групирање на амандманите, што е предвидено како алатка во Деловникот, за да се сведат на десетина. Не е исклучено и законските измени да бидат повлечени, а потоа од Владата предложени со европско знаменце за да се ограничи дискусијата.
За комисиите пак, што ги предводат пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, а не се закажуваат, постои опцијата Џафери да назначи нов претседавач на собраниските тела.
Од владејачката ДУИ велат дека ќе се обидат да се најде компромис преку аргументиран дијалог со опозицијата, но ако не се најде има начини да се донесат законските измени.
Премиерот Ковачевски пак, не потврдува дали дали Владата размислува да стави европско знаменце, но вели дека Коридорите се и клучни во остварувањето на стратешките цели на државата.
„Определбата на оваа Влада и определбата на парламентарното прогресивно мнозинство е ова да биде направено во интерес на институциите и на граѓаните и компаниите за коишто и практично се прават овие коридори за да може да ги користат во иднина“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски на прес-конференција во Владата.
Одговарајќи на новинарски прашања, тој посочи дека во однос на работните часови и во постојното решение на Законот за работни односи има дејности, како што е трговијата и градови кои се туристички дестинации, каде е дозволена работа во недела. Во градежниот сектор, вели тој, голем број компании изведувачи имаат побарано слични измени со оглед на сезонскиот карактер на градежните работи на кои влијаат временските услови.
„Доколку бидат донесени овие законски измени, тогаш ќе можат да бидат ангажирани помал број на работници и да се работи повеќе часови. Поголем дел од финансиските средства да останат во државата. Во другиот случај, доколку не се донесат, тогаш ќе има повеќе работници кои што ќе дојдат од странство со цел да работат на имплементација на овој најголем градежен проект во историјата на државата“, рече Ковачевски.
Резерви кон контроверзните законски измени, особено за 60 часовната работна недела, изрази и шефот на државата Пендаровски кој најави дека ќе по нивното донесување ќе ги провери со неговиот правен тим и ако најде сомнеж за противуставност нема да ги потпише указите за нив.