
Актуелниот американски претседател Џо Бајден и неговиот тим би можеле со видео објава да ја најават кампањата за реизбор на должноста следната седмица, пренесуваат медиумите повикувајќи се на добро известени извори.
Објавата на осумдесетгодишниот Бајден, така, би се совпаднала следниот вторник со годишнината од започнувањето на неговата кампања за изборите во 2020 година, една година порано, рекол извор на Reuters кој зборувал под услов да остане анонимен.
Весникот The Washington Post и телевизијата CNN, исто така, повикувајќи се на анонимни извори, наведуваат дека Бајден својата претседателска кампања би можел да ја започне со објава на видео-порака. WP, исто така, најавува дека тоа би можело да се случи во вторник, на годишнината од почетокот на трката со тогашниот претседател Доналд Трамп. Весникот, сепак, истакнува дека плановите на тимот на Бајден не се довршени и дека таквата објава би можело да биде одложена.
Познато е дека соработниците на претседателот Бајден забрзано работат на планот на долгонајавуваниот покренување претседателска кандидатура за вториот четиригодишен мандат, а самиот тој минатата седмица изјави дека својата кампања ќе ја започне „релативно брзо“.
Бајден долго зборуваше дека има намера повторно да се кандидира, но недостигот од официјална објава ги поттикна сомневањата меѓу неговите приврзаници за тоа дали еден од најстарите светски челници ќе реши да се кандидира и дали треба да му се посвети на уште еден четиригодишен мандат. Бајден би имал 86 години при крајот на вториот мандат.
Изминатите седмици Бајден во своите политички говори ја изнесе темата на веројатната кандидатура за реизбор на должноста, обезбеди лекарски потврда дека е „способен за должноста“, а на своите сопартијци демократи им порача да го преуредат партискиот календар на примарните избори така што ќе оди во прилог на неговата номинација и го одбра Чикаго како градот во кој формално следната година би ја објавил својата официјална номинација.
Бајден се справува со ниските резултати од одобрувањето на неговиот реизбор од страна на јавноста, а анкетата на Reuters/Ipsos од минатата недела покажа дека само 39 отсто од Американците го одобруваат неговиот учинок на должноста.
Но иако Бајден се соочува со мала сериозна конкуренција за номинацијата на Демократската партија, 45 отсто од анкетираните демократи во анкетата на Reuters/Ipsos во март сметаат дека не би требало повторно да се кандидира за изборите во 2024 година, додека 48 отсто сметале дека би требало.
Републиканската партија сѐ уште не го истакна својот кандидат за претседателските избори кои ќе се одржат на 5-ти ноември 2024 година, но анкетите покажуваат дека Доналд Трамп води во групата деклариран и сѐ уште неизјаснети републикански кандидати, во кои се вклучени неговиот најсериозен ривал – гувернерот на сојузната држава Флорида, Рон Десантис, поранешниот претседател Мајк Пенс и поранешната амбсадорка во Обединетите нации, Ники Хали.