
Шпион на Тајната разузнавачка служба на британското Министерство за надворешни работи (MI6) го убил своето дете откако се вратил од тајна мисија во камп на џихадисти, објави викендот весникот The Times, повикувајќи се на разузнавачки документ во кој имал увид.
Во текстот се наведува дека агенцијата MI6 го испратила својот припадник во Вазиристан, планинскиот паштунски регион на северозападен Пакистан, на границата со Авганистан. Неговата мисија била да се инфилтрира во село во кое се наоѓал камп за засолнување и обука на талибаните и милитанти на терористичката групација Ал Каеда.
Во текот на престојот во кампот, британскиот разузнавач морал да ги мие и погребува осакатените тела на талибаните, бил сведок на обезглавување на цело семејство кое било обвинето дека шпионира во полза на САД, како и да држи во рацете отсечена глава на дете, пишува неделното издание на The Times повикувајќи се на доверливиот документ на британското разузнавање.
По враќањето од мисијата во Велика Британија, разузнавачот бил во состојба на екстремен стрес: тешко можел да зборува, раздразливо реагирал без очигледни причини и пател од кошмари предизвикани од сеќавањата на грозоморните сцени на кои присуствувал. Според весникот, во документот било наведено и дека по извесно време дошло до трагедијата, кога го убил своето дете на чие тело биле откриени бројни рани и траги на насилство.
Во написот се обраќа внимание на тоа дека во разузнавачкиот извештај за соодветноста за мисија во странство пред мажот кој тогаш бил во дваесеттите години да биде испратен на задачата било наведена неговата висока емоционална нестабилност, изложеноста на ризик од силен шок и психолошки трауми. На надлежните во MI-6, исто така, им било познато дека нивниот разузнавач во детството бил сексуално злоставуван, како и дека во младоста доживеал нервен слом.
Весникот тврди дека во MI-6 знаеле дека маж е потенцијално опасен за околината, бидејќи додека работел во Службата за безбедност (MI-5) неговата сопруга извесно време живеела во засолниште за жртви на семејно насилство.
По убиството на детето, за кое не наведено кога се случило, мажот е затворен во психијатриска установа од затворен тип.
„Тој бил неверојатно ранлив, а неговото дете го фрлиле во крајно тешки околности кои можеле да се спречат доколку била покажана поголема претпазливост. Тој ја завршил својата задача и повеќе не бил интересен за неговите работодавачи. Го искористиле“, обвинил неговиот адвокат.