
На 11 април американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер испратила писмо до институции на извршната и судската власт во Македонија во кое ја изразува својата и загриженоста на Соединетите Американски Држави за состојбите со правосудството, објави денеска ТВ Алсат.
Конкретно, според дел од писмото кој го објави телевизијата, загриженоста на која реферира амбасадорката се однесува на првостепените пресуди против високопрофилирани личности кои Апелацискиот суд ги укина и ги врати на повторно судење, поради што во меѓувреме застареа дел од предметите кои се водеа некои од обвинетите.
„Секој ден сум сѐ повеќе загрижена и разочарана поради големиот број предмети (од високи профили) кои Апелациониот суд ги врати во првостепена постапка на повторно судење. Очигледната неспособност на судовите брзо да ги процесираат предметите низ судската постапка и нивното префрлање напред-назад меѓу Апелација и Основниот суд дополнително ја намалува ниската доверба што јавноста ја има во судовите“, се наведува во писмото од амбасадорката Агелер.
Во писмото, до кое ТВ Алсат дошла од извори во Владата, биле истакнати и напорите на владата на САД да помогне во подобрување на состојбите во правосудниот систем на земјава и вложените половина милијарда евра за реформи во судството.
Дописот, како што се наведува, главно се однесува на случаите кои предизвикаа загриженост и бурни реакции во домашната јавност, а кои се однесуваат судските процеси против поранешни високи државни функционери кои го прекршиле законот и го оштетиле државниот буџет.
Писма со идентична содржина, според информации на телевизијата, освен до Владата, односно премиерот, биле испратени и до министрите за правда и за надворешни работи, Кренар Лога и Бујар Османи, како и до Врховниот суд, Апелацискиот суд и до некои Основни судови во државата.
Реакциите следат откако Апелацискиот суд Скопје изминатиов период одлучи да укине неколку првостепени пресуди и да ги врати на повторно судење. Дел од овие одлуки се однесуваа на пресуди за поранешниот шеф на тајната служба, Сашо Мијалков. На 7 април застаре делото за кое Мијалков се гонеше во случајот „Титаник 2“ во врска со локалните избори во 2013 година. Повисокиот суд во ноември 2022 година ја укина и пресудата за „Таргет-Тврдина“ и го врати случајот на повторно судење. Апелацискиот суд ги укина и првостепените пресуди за „Трезор“ и за организаторите на 27 април.