Лејкерс на чекор до вториот круг од плејофот во НБА

Кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс ноќта кон вторникот во четвртиот натпревар од доигрувањето во Западната конференција на НБА лигата по продолженијата со 117:111 ги победија Мемфис Гризлис и поведоа со 3-1 во серијата до четири победи.

На Гризлис не им помогнаа ниту 36-те поени на Дезмонд Бејн, кого со 19 коша го следеше Џа Морант.

Леброн Џејмс постигна 22 коша, притоа и важното положување со коешто избори продолженија и уште едно во продолжението, а на тоа додаде и 20 скокови.

Остин Ривс додаде 23 коша за Лејкерс, кои ја имаат првата шанса да ги елиминираат Гризлис во петтиот меч, кој ќе се игра во среда во Мемфис.

Д’Анџело Расел додаде 17 поени за Лејкерс, уфрлувајќи три клучни „тројки“ во последната четвртина.

Џејмс имаше положување на 0,8 секунди до крајот на регуларниот дел од мечот, со што натпреварот отиде во продолженија, а потоа ја запечати победата на Лејкерс со второто свое положување на 29 секунди до крајот на продолжението, кога беше фаулиран од Дилон Брукс. Не го реализираше дополнителното слободно фрлање, но на тимот од Лос Анџелес му донесе предност од 113:108.