
Кинескиот произведувач на домашни апарати „Midea“ ја истражува можноста за преземање на шведскиот бренд за домашни апарати „Electrolux“ , и покрај потенцијалното противење на европската политика, што го поттикна скокот на цената на акциите на „Electrolux“ во вторникот на европските берзи за повеќе од 6 отсто.
Од „Midea“ воспоставиле прелиминарен контакт изминатите седмици со претставниците на шведската компанија во врска со можно преземање, извести деловната агенција Bloomberg News извори запознаени со темата. Во „Electrolux“ засега не го прифатиле тој предлог, додале соговорниците.
Кинеската компанија веќе извесен период е заинтересирана за „Electrolux“ и би сакала исклучително пријателски договор. И другите азиски произведувачи на домашни уреди, вклучително и јужнокорејскиот „Samsung Electronics“, исто така, ја меркале оваа шведска компанија.
Пазарната капитализација на „Electrolux“ кон крајот на минатата седмица изнесуваше 4,3 милијарди американски долари, а на „Midea“ околу 58 милијарди долари.
Евентуалниот договор за преземање ќе претставува тест за способностите на некоја кинеска компанија да реализира странска аквизиција во екот на растечкиот протекционизам во Европа и САД, како последица од зголемените геополитички тензии меѓу Пекинг и Западот, иако машините за миење садови или ладилниците не би требало нужно да се сметаат за национален безбедносен ризик.
Со купувањето на шведски „Electrolux“, кинеска „Midea“ само би ја проширила својата листа странски аквизиции. Компанијата со седиште во Фушан во провинцијата Гуадонг, во 2016 година ко купи контролниот удел во одделот за домашни апарати во јапонска „Toshiba“, а една година подоцна и на германскиот производител на домашни роботи „Kuk“, што предизвика загриженост на германската влада.