
Соединетите држави од 11-ти мај ќе ја укина мерката со која се бара од странските патници и работници во сојуните институции да се вакцинираат против Covid-19, објави во понеделникот Белата куќа.
Претставничкиот дом на САД во февруари гласаше за укинување на условот повеќето странски патници со авион да се вакцинираат против Covid-19, едно од ретките преостанати ограничувања за патувањата.
Администрацијата на претседателот Џо Бајден го укина задолжителниот негативен тест за коронавирус за странски патници со авион минатиот јуни, но ја задржа мерката на Центрот за контрола и превенција на болестите (CDC) со која се бара вакцинација за повеќето странски патници.
Тие прописи ѝ оневозможија на српската тениска ѕвезда Новак Ѓоковиќ да учествува на некои американски турнири, бидејќи не е вакциниран против коронавирусот, но наскоро ќе може слободно да влезе во САД и да игра на големи американски турнири како што е УС Опен.
Одделот за внатрешна безбедност во понеделникот објави дека ова барање се укинува и за странските државјани кои влегуваат во САД по копно или море.
Праписите на администрацијата на Бајден наметнати во септември 2021 година, со кои се бара вакцинација против Covid-19 за околу 3,5 милиони вработени во сојузните институции и подизведувачи, а во спротивно им се закануваше отказ или дисциплинска постапка, не заживеа по серија судски пресуди.
Во март, Сојузниот апелационен суд ја потврди одлуката за блокирање на спроведувањето на барањата за вакцинација на вработените.