ЕК ја редефинираше корупцијата

Во средата Европската комисија предложи нови правила за борба против корупцијата во Европската унија и надвор од неа, со кои, меѓу другото, се проширува дефиницијата и санкциите за корупцијата

Комисијата бара корупциски прекршоци, покрај поткупот, да вклучуваат и проневера, тргување со влијанието, злоупотреба на положбата, попречување на правдата и незаконско богатење.

„Стандардизирањето на правните дефиниции и санкции ќе помогне во прекуграничните истраги“, соопшти Комисијата.

Според предлогот, за кој последниот збор го имаат Советот на ЕУ и Парламентот, странските државјани ќе бидат казнети со санкции за корупција. На лицата, без разлика на нивното државјанство, кои се на санкционирана листа за тешки коруптивни дела, ќе им се замрзне имотот во ЕУ и ќе им се забрани влез на европска територија.

„Корупцијата е како рак и како и при лекувањето на оваа болест, мора да ја подобриме превенцијата. Мора да имаме и силни инструменти за репресија и казнување на корупцијата, не само на национално, туку и на европско ниво“, изјави Вера Јоурова, потпретседателка на ЕК за транспарентност и вредности.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел посочува дека корупцијата е глобален, транснационален феномен, кој според процените чини најмалку пет отсто од бруто домашниот производ (БДП) на глобално ниво.

„Затоа, паралелно со иницијативите на Комисијата за зајакнување на борбата против корупцијата во ЕУ, предлагам воспоставување нов режим на санкции според Заедничката надворешна и безбедносна политика насочена кон сериозни корупциски дејствија ширум светот, со цел да се надополни нашата надворешна алатка за борба протви корупција“, рече Борел.