
Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за едно огласено работно место на Коридорите 8 и 10-д добило по речиси тројца пријавени. Огласот беше отворен до 25 април, а заинтересираните имале 13 дена да се пријават.
„На јавниот оглас кој беше објавен на ден 13.04.2023 година се пријавија вкупно 73 работници за 15 работни места за 28 извршители. Следи фазата на селекција на кандидатите и во моментот не може да дадеме дополнителни информации“, рекле од ЈП за „Макфакс“.
Од Јавното претпријатие не кажале дали планираат дополнителни огласи за вработувања и колкумина од веќе вработените во претпријатието ќе работат на Коридорите 8 и 10-д.
На огласот на кој се бараат 28 работници чии задолженија ќе бидат исклучиво Коридорите 8 и 10-д, стои и дека новите вработени во претпријатието ќе имаат основни плати од 29.866 денари до 70.052 денари, а ќе бидат вработени се до завршување на проектот, односно до 22.1.2028 година. Овие плати се за 40-часовна работна недела.
Највисока основна плата, 70.052 денара, се нуди за помошник на главниот координатор, а најниските плати од 29.866 денари се за двајца администратори и двајца возачи.