Србија: Учениците се вратија на настава, протестен собир закажан за попладне

По тридневна национална жалост, во понеделникот сите ученици во Србија се вратија на редовна настава, освен во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“, каде на 3-ти мај 13-годишен ученик уби осум соученици и еден обезбедувач со пиштолот на татко му, а рани уште шест ученик и наставничка.

Од утрово во сите 1.800 училишта во земјава се распоредени полицајци, а присуството на полицијата ќе биде зголемено на сите јавни места каде се собираат голем број граѓани, вклучително и протестниот собир најавен за вечерва во 18 часот во Белград, кој има цел да ги истакне социјалните проблеми од кои за само два дена минатата седмица произлегоа две масовни убиства.

Имено, само ден по трагедијата во белградското училиште, 21-годишен маж со автоматско оружје во четвртокот на 4-ти мај вечерта уби осум претежно помлади лица, а рани уште 14 лица во три села во околината на Младеновац.

Српското Министерство за внатрешни работи ги повика сите граѓани од денеска до 8-ми јуни да ги предадат во полициските станици нелегалното оружје и муниција што ги поседуваат, без објаснување за потеклото и без казнени последици. По истекот на рокот ќе следуваат претреси и драстични казни, соопшти Министерството за внатрешни работи. Српскиот претседател Александар Вучиќ го повтори ова предупредување во неделата навечер во интервју за јавниот сервис РТС.

Објаснувајќи ја намерата драстично да се намали бројот на легално оружје по двете трагедии, Вучиќ рече дека по примената на овие мерки „до 90 отсто од легално издаденото оружје“ ќе биде помало, не сметајќи го ловечкото оружје.

Во Србија, според податоците на Националната асоцијација за оружје, во приватна сопственост се чуваат повеќе од 900.000 парчиња разновидно оружје, од пиштоли до ловечко оружје, објавија претходно медиумите по повод трагичното пукање во училиштето и младинските села.

Српската опозиција за во 18 часот закажа протест наречен „Србија против насилството“ пред зградата на Собранието на Србија. Како што пренесува агенцијата Бета, на собирот, меѓу другото, ќе се бара разрешување на министеркот за внатрешни работи Братислав Гашиќ и првиот човек на разузнавачката агенција БИА, Александар Вулин. Ќе бараат и укинување на реалните шоуа и емисии кои промовираат насилство, агресија, неморал и примитивизам, како и забрана на печатените медиуми и телевизии кои според опозицијата „промовираат примитивизам и емитуваат лажни вести“. Дополнително, се најавуваат и барања за разрешување на раководството на јавниот сервис поради емитување емисии кои промовираат насилство и криминал.