Водството на Ердоган падна под 50 отсто

Водството на актуелниот турски претседател Реџеп Тајип Ердоган на неделните избори по обработените 92,7 отсто од избирачкиот материјал, се намали под границата од 50 отсто плус 1 глас, прагот за кандидатот да биде прогласен за победник уште во првиот изборен круг, пренесува телевизијата TRT.

Според моменталните резултати, Ердоган освојува 49,98 отсто од гласовите, односно за него гласале над 24,3 милиони избирачи, додека неговиот главен ривал, кандидатот на здружената опозиција освоил 44,23 отсто, или повеќе од 21,6 милиони гласови. Третиот кандидат, на коалицијата Ata, Синан оган, според овие податоци, освоил 5,32 отсто од гласовите.

Четвртиот кандидат, Мухамер Инџе кој се повлече од трката три дена пред изборите, како што се шпекулира за да му овозможи евентуална победа на Киличдароглу уште во првиот круг, освоил 0,4 отсто од гласовите. Централната изборна комисија објави дека гласовите за него ќе бидат сметани за важечки.

Според независната новинска агенција ANKA, којашто води своја пресметка на избирачкиот материјал, по речиси 68 отсто од обработените гласачки ливчиња, Ердоган има предност од само 2,2 процентни поени.  Според оваа пресметка Ердоган освојува 48,12 отсто од гласовите, додека неговиот главен ривал има 46,11 отсто.

Агенцијата претходно објави предност од 7,66 процентни поени за Киличдароглу по отворањето на 31,2 отсто од избирачките кутиите. Тогаш Киличдароглу освојувал 51,49 отсто од гласовите, а Ердоган 43,83 отсто

Како што известуваат медиумите, во Истанбул и во Анкара пред изборните штабови на двајцата водечки кандидати спонтано се собираат приврзаниците на Ердоган и на Киличдароглу кој ги повика своите следбеници дека ноќва „нема да има спиење“ и им порача да го очекуваат добројувањето на гласовите.