Андоновска: Арсовска знаеше дека Скопје има долгови и имаше година и половина да ги сервисира

-Градоначалничката на Скопје скоро да нема ден, а да не изјави дека Градот е во добра кондиција и ликвиден. Кога доаѓате на таква позиција треба да знаете што наследувате, што е ваша одговорност, освен што нудите програма. Таа имаше година и половина да ги сервисира долговите, знаеше дека има долгови, ги кажуваше и во самата кампања, изјави Марија Андоновска, советничка на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје за „Вин вин“ на Телма.
Таа посочи дека никој не знае дали градоначалничката ги сервисирала долговите.
Во врска со превозниците, Андоновска истакна дека ВМРО-ДПМНЕ не штити приватни превозници туку штити јавен интерес, градскиот превоз е од јавен интерес кој во моментов го нема.
– Граѓаните во Скопје немаат квалитетен јавен градски превоз и тоа е проблем. Ние се обидовме тука да помогнеме и помогнавме колку што ни се ингеренциите во моментот. За долговите кон превозниците, градоначалничката прво велеше нема долгови, па има долгови, па немал градот, туку ЈСП, слушнавме се и сешто, рече Андоновска.
Нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ стои на располагање да помогне да се среди проблемот со јавниот градски превоз.
– За тоа да се направи треба да бидат и потранспарентни и поискрени од Градот. Луѓето мака мачат, се создава голем неред, автобусите доцнат или ги нема, изјави Андоновска.

Таа потсети дека ВМРО-ДПМНЕ ја поддржа програмата „За модерно Скопје“, исто како што застана зад своите кандидати, но ВМРО-ДПМНЕ има градоначалници каде нештата се реализираат, видливи се проектите, се реализира програма, а ветувањата од Арсовска не се реализираат. „Во град Скопје ниту има слух, ниту нешто се случува и ние нема да бидеме соучесници во тоа, изјави Андоновска и додаде дека ВМРО-ДПМНЕ даде шанса, но нема да биде соучесник во неработата и хаосот во градот Скопје кој сега се случува со новото мнозинство кое го направија СДС, Левица и ДУИ.

„Секогаш кога ќе се видат овие три групи во сала се знае дека има договорени точки.– ВМРО-ДПМНЕ не ги поддржува, затоа што сме сериозни и сакаме да бидат дадени сериозни одговори каде се трошат парите на граѓаните. Ние бараме да разговараме, прашуваме, но нема разговор. Не може да се поддржи нешто за кое не сме сигурни и има сомневања. Во Скопје сега има кадри кои воопшто не се компетентни и никој не ги знае, стјуард за директор, детектив во МКЦ. Претходно имаше кадри кои можеа да одговорат на предизвиците, нагласи Андоновска.