Осветена првата македонска православна црква во Хрватска

HINA/ Robert KOREN/ ik

Првата македонска православна црква во Хрватска, црквата на света Злата Мегленска беше посветена во саботата во Загреб, а на свеченоста по осветувањето, премиерот Андреј Пленковиќ во име на хрватската Влада го прими највисокото признание на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во знак на благодарност и искрено пријателство, извести хрватската новинска агенција Hina.

Највисокото признание на Македонската православна црква, Орденот на свети Климент Охридски, за гостопримството и братската поддршка и помош ѝ беше доделено и на Хрватската епископска конференција (HBK), а беше примен од пратеникот на претседателот на ХБК, генералниот секретар монсињор Крунослав Новак.

Наградите им ги врачи поглаварот на Македонската православна црква, архиепископот охридски и македонски Стефан, а на свеченоста во Загреб присуствуваа митрополитот европски Пимен и тетовско-гостиварскиот г. Јосиф.

Делегацијата на македонската држава ја предводеше амбасадорот на Македонија, Милаим Фетаи, кој ѝ се заблагодари на хрватската држава за помошта во изградбата на црквата.

 

Пленковиќ: Настан од историски карактер за македонското малцинство во Хрватска

Првата македонска православна црква во Хрватска е регистрирана во декември 1993-та. Во 1995 година Загрепската архиепископија ѝ ја дала привремената употреба на црквата на свети Рок во Загреб, и изградбата на црквата света Злата Мегленска, посветена на светителката и маченичка од XVIII 18 век, започна пред девет години.

На присутните им посака добредојде претседателот на парохискиот совет Невен Шукаровски, како и Кирко Велински, протоереј ставрофор на Охридската архиепископија на МПЦ, одговорен за пасторалното згрижување на верниците во Хрватска и, како што беше истакнато, „душата на целиот проект“ за изградба на црквата.

Во зборовите на благодарност, премиерот Пленковиќ го изразил своето задоволство од присуството на „голем настан, од вистински историски карактер за македонското малцинство во Хрватска“.

„Навистина сум лично почестен, но пред сѐ ова го гледам како оддавање признание на целата Влада и многубројните луѓе кои сесрдно, со разбирање, почит, отвореност и искрена желба ги поддржаа Македонците во Хрватска, како и сите национални малцинства, затоа што мислиме дека тоа е добро за нашите општества, за културата на инклузивност и особено за положбата на Хрватите во сите соседни земји“, рекол Пленковиќ.

Владата финансиски ја поддржа изградбата на црквата со 935.000 евра, а премиерот му се заблагодарил и на Градот Загреб „кој со години го поддржува македонското национално малцинство“.

„Изградбата на црквата ги зацврстува нашите врски и покажува колку се важни религијата, традицијата и собирот за идентитетот на народот“, рекол Пленковиќ посочувајќи дека тоа е „само дел од мозаикот на севкупните, многу добри и пријателски односи меѓу двете земји“.

Потсетил и на својата неодамнешна посета на Македонија и на својот говор во Собранието и оцени дека Македонија е во момент кога полека конечно го фаќа чекорот со европскиот пат што го започна заедно со Хрватска пред нешто повеќе од 20 години.

 

Пленковиќ: Хрватска е заговарач на Македонија на европскиот пат

„Хрватска беше малку побрза, наидовте на некои неправди за кои постојано укажуваме дека се големи и ве спречија да се движите по европскиот пат како што би било нормално и како што очекувавте. Но затоа вие имате пријатели на тој европски пат, а јас сум сигурен дека Хрватска е меѓу најголемите застапници“, истакнал Пленковиќ.

На свеченоста како делегат на претседателот на Хрватска присуствувала и Јадранка Жарковиќ, советничка на претседателот за образование, а Маријана Петир, претставник на претседателот на хрватскиот парламент која е долгогодишен заговорник на правата на Македонија и Македонците во Европскиот парламент.

Петир и парламентарната претставничка на албанското, македонското, бошњачкото, црногорското и словенечкото национално малцинство, Ермина Лекај Прљскај, добија благодарница од Парохискиот совет на црковната општина на Македонската православна црква во Загреб за заложбите и помошта дадена во изградбата на црквата.

На церемонијата присуствувале и потпретседателката на Владата за социјални дејности и човекови права Ања Шимпрага и министерот за правда и администрација Иван Маленица, членка на градското собрание на Загреб, Марта Киш, како претставник на градоначалникот на Загреб и претставници на други црковните општини во Хрватска.