Не треба да се градат објекти кои го загрозуваат Охридското Езеро, вели Шукова

Министерката за животна средина Каја Шукова вели дека ќе побараат одговор од албанската страна за градежните активности во Охридското Езеро, за кои информираше албанскиот премиер Еди Рама. На фотографиите кои ги сподели Рама, се гледаат градежни активности и во самото езеро, односно изградба на марина за паркирање на бродови, како и ново шеталиште покрај самиот брег. Фотографиите се од брегот на Охридското Езеро, кај Тушемиште, каде се изворите на реката Дрилон, во близина на Поградец, Албанија.

„За секоја една активност која е во рамките на Охридското Езеро прво треба да бидеме информирани и второ треба да внимаваме што правиме и македонската и албанската страна. Не треба да си дозволиме понатаму да одиме со објекти кои ќе го загрозуваат езерото, а основа за тоа треба да биде комуникацијата“, вели министерката Шукова.

УНЕСКО уште пред две години побара да се стопираат плановите за градби кои што се во непосредна близина на Дрилон, бидејки тамошните извори се од огромно значење за езерото.

„Македонија и Албанија имаат воспоставено еден комитет во рамките на УНЕСКО, каде сите проекти или идеи кои би биле поврзани со Охридското езеро треба да бидат договарани заеднички.За било која интервенција треба да се праша и македонска страна и обратно. Според она што УНЕСКО го бараше од нивните последни мисии, тие забранија секакви интервенции да се вршат на брегот без разлика на македонска или албанска страна“, рече Ѓоко Зороски, екологист.

Аријан Мероли експерт за заштита на животната средина од Поградец, вели дека ако ова има негативен импакт врз животната средина и универзалните вредности на екосистемот, Унеско ќе реагира.За секој чекор пред имплементирање на големи проекти треба да има одобрение од Унеско, вели тој. Според Рама,со ова уште еден дел од албанската природа се става на располагање на туризмот и економијата и оти за 12 месеци, проектот треба да донесе целокупна промена на Поградец.