
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, при посетата на Одделот за воздухопловни единици во седиштето на Хеликоптерската единица за полициски намени во Идризово, која во рамки на МВР постои веќе 54 години, најави дека се работи на опцијата да може да се пренесуваат итни случаи со хеликоптер.
„Од здравствен аспект преносот на болни лица со хеликоптер, лица на кои им е потребен итен транспорт, досега сме немале можност, сега работиме на тоа. Jас очекувам за многу скоро, неколку месеци, и тој сегмент да го ставиме во функција“, рече министерот за внатрешни работи.
„Во делот на човечките ресурси, aко до пред неколку години зборувавме за сериозен недостаток на човечки ресурси и ако зборувавме дека еден дел од работите на техничкиот персонал ги извршувавме преку Армијата, денеска сме во полн капацитет, со јасна визија за тоа дека потребите може да ги надоградиме и денеска работиме за другите институции“, истакна Спасовски.