
Уапсен е скопјанец кој се поврзува со двојното убиство од пред три месеци во барот „Шиша“ во Старата скопска чаршија. Според извори на Канал 5, се работи за лице кое има поврзаност со автомобилот Ауди А6, со кој извршителите на убиството избегаа кон населбата Шуто Оризари, а потоа и го запалија. Од МВР потврдија само дека вчера е упасено едно лице, но детали не откриваат упатувајќи на скопското обвинителство кое ја води истрагата за случајот.
Кривичниот суд соопшти дека: „Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на 31.05.2023 година, постапувајќи по предлог на ОЈО – Скопје, го прифати предлогот и на едно лице му определи мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Убиство од чл. 123 од КЗ.Но, од таму не откриваат детали со оглед на тоа што се работи за постапка за која е надлежно јавното обвинителство.
Убиството се случи на 6 март годинава кога неколку маскирани лица влегле во кафулето и откако ги таргетирале двете лица почнале да пукаат. Едниот од убиените е Јетон Кривањева, познат како Жила, а другиот е Енис Исени, познат како Љаци, а беше рането и едно лице. Нови детали околу истрагата од обвинителството засега нема. Набргу по настанот соопштија дека се собираат докази меѓу кои се и видео снимките од надзорот на самиот објект.