ЕК покренува постапка против Полска поради законот за руското влијание

Европската комисија во средата најави дека ќе покрене постапка против Полска поради спорниот закон за спречување на руското влијание, според кој без судска одлука и можело да се забрани јавно делување на опозициски политичари.

„Колегиумот на комесарите одлучи да покрене постапка за повреда на правото на Европската унија со испраќање службена опомена“, изјави извршниот потпретседател на ЕК, Валдис Домбровскис според кого писмото со опомената ќе биде испратено во четврток во Варшава.

Критикуваниот закон предвидува основање истражна комисија којашто би истражувала дали некои функционери во периодот меѓу 2007 и 2020 година потпаднале под руско влијание. Во случајот таа комисија да утврди дека имало руско влијание, би можело на тие лица на период од десет години да им се забрани да имаат пристап до доверливи информации или да вршат дејности со јавни средства, со што би биле отстранети од јавните должности.

Владејачката конзервативна националистичка партија Право и справедливост (PiS) вели дека либералната опозициска партија Граѓанска платформа (PO) направила Полска да стане опасно зависна од руските фосилни горива, додека партијата беше во владата од 2007 до 2015 година, поставувајќи ги прашањето дали функционерите на PO биле под влијание на Русија.

Од Граѓанската платформа, којашто е главен противник на актуелната власт на парламентарните избори есенва, истакнуваат дека главната цел на тој закон е да е уништи поддршката за нивниот лидер Доналд Туск, кој беше премиер од 2007 до 2014 година. Потоа, Туск пет години беше претседател на Европскиот совет.

Европската комисија решила да дејствува и покрај најавата на полскиот претседател Анджеј Дуда дека ќе внесе некои промени во споменатиот закон.

Полската опозиција го нарече законот противуставен и сталинистички. И САД и Европската комисија изминатите денови го критикуваат потегот на владејачката полска партија.