
Сите предлози на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се прифатени и сега дијалогот за процесот важен за европската иднина на државата треба да продолжи, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски за Телевизија Алсат.
„Гледајќи го дискурсот кој што го имаше ВМРО-ДПМНЕ сфатив дека тие сакаат да бидат дел од власта, дел од од процесот, и сметам дека треба да се понуди едно широко обединување на македонската поличка сцена, бидејќи овој процес на евроинтеграции е широк, општествен процес, на целото општество, за сите граѓани. И затоа понудив ВМРО-ДПМНЕ да биде дел од Владата, прво да го отвориме Уставот со две третини сите заедно, ВМРО-ДПМНЕ да влезе во Владата и тоа 50% од министерските места кои што ги има СДСМ да ги отстапи на ВМРО-ДПМНЕ. И дополнително, што е исклучително важно и условот кој што го имаше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, во таа Влада од нему познати причини, да не учествува партијата ДУИ, исто така беше прифатен на самата прес–конференција преку соопштение на ДУИ. Со тоа сметам дека сите барања кои што беа поставени, во текот на целиот изминат период,се исполнети во делот на опозицијата, тие го сменија својот став и дури, со оглед на тоа дека процедурата овозможува, уставните измени кои што ќе се направат да важат од моментот на одржувањето на втората меѓувладина конференција” порача Ковачевски.
Ковачевски истакна сите политички субјекти треба да се обединат и да ја обезбедат европската иднина на државата.
„Ова не е борба за власт, ова не е борба за политички поени, ова не е борба за рејтинг до избори, туку ова е практично, работа за носење на одлука која што ќе овозможи Северна Македонија да го продолжи својот европски пат и до 2030 година да станеме земја членка на ЕУ” заклучи Ковачевски.
Ковачевски изрази задоволство од средбата со Мицкоски којашто ја оцени и како успешна.
„По средбата сите можевме да се увериме дека ВМРО-ДПМНЕ го промени својот став и поддржува уставни измени кои што уставни измени значат вклучување на други народи во Преамбулата на нашиот Устав, вклучително и на делови од бугарскиот народ. И тоа е промена на позицијата која што ВМРО – ДПМНЕ ја имаше” истакна Ковачевски.
Според него, и самиот Мицкоски тоа наводно го потврдил во изјава по средбата додавајќи дека сето тоа е добра основа за продолжување на дијалогот.
Ковачевски посочи и дека македонскиот јазик е целосно заштитен и дека наскоро ќе следува потврда за тоа од уште една голема членка на ЕУ.
„Ние имаме јасно заштитен македонски идентитет, јазик и култура во преговарачката рамка, потврден и преку договорот Фронтекс што е потпишан на чист македонски јазик. Кажав и на прес конференцијата дека голема, можеби и најголемата европска држава, во наредниот период ќе донесе резолуција со која го потврдува македонскиот јазик, култура, идентитет како дел од идентитетот на ЕУ. Заштитата и потврдата на македонскиот јазик, на македонскиот идентитет е потврден и со договорот Фронтекс, преку сите јавни изјави, целиот скрининг процес се одвива на македонски јазик и се преведува на македонски јазик. Имаме потврда од Европскиот совет, имаме веќе подготовка на потврди од најголемите земји членки на ЕУ, имаме поддршка од сите стратешки партнери, јасно искажана, вклучително и САД, дека сега е моментот за продолжување на европскиот пат на државата, со оглед на геополитичкиот момент во Европа и светот”, оцени Ковачевски.
Со промената на ставот, ВМРО-ДПМНЕ сега е согласно дел од бугарскиот народ да влезе во Уставот, заклучи претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски во интервју во емисијата „360 степени” на телевизија Алсат.
Тој порача дека по лидерската средба паднале во вода сите лаги што ВМРО-ДПМНЕ ги пласираше години наназад за наводна асимилација и бугаризација.
„Се правеше една хистерија уште од првиот ден односно од носењето на францускиот предлог. Вие се сеќавате не е помината ни година, измислици се пласираа, ќе сме го изгубеле јазикот. Ене го јазикот во Брисел стои македонски јазик на преведувачките кабини. И уште стои. Па потоа, ќе сме го изгубеле идентитетот,сите дојдоа тука да кажат ние сме горди што Македонците ќе станат дел од сајтот на идентитетите на ЕУ. Се зборуваше дека со влегувањето на Бугарите во Уставот ќе сме биле бугаризирани, ќе сме биле асимилирани. На таа прес конференција после лидерската средба нема ништо од тоа. Затоа што потврда стигна од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ е согласно Бугарите да влезат во македонскиот Устав и тоа е најголемиот исчекор, врвниот заклучок од таа лидерска средба”, тврди Ковачевски.