МНР повика на воздржаност од предвремени квалификации во случајот со нападот на Кадриески

Во врска со вчерашниот напад врз државјанин на Република Северна Македонија, Б.К. од Лабуниште, Министерството за надворешни работи апелира за воздржаност од предвремени квалификации се до целосно расчистување на случајот. Во текот на вечерните часови, со осомниченото лице за нападот, А. Н. од Велешта, бил извршен службен разговор и известен е јавниот обвинител.

„Овој настан не смее да фрла сенка врз институционалните напори за негување на правата и интересите на помалите заедници, вклучително и напорите за уставно-правно загарантирани права за нив, меѓу нив и бугарската заедница.

Ја повикуваме јавноста и политичките субјекти од соседна Бугарија да им овозможат на институциите на државата да ги расчистат околностите на настанот и соодветно процесуираат, согласно законската регулатива“.

Кадриески по инцидентот во кој бил физички нападнат е пуштен на домашно лекување. Од болницата во Струга каде бил примен велат дека на Кадриески му биле направени детални испитувања кои покажале дека пациентот нема сериозни повреди, бил видно вознемирен за што му бил даден само седатив и бил пуштен дома.

Како со Пендиков и во овој случај бугарските власти еспресно реагираа. Веднаш бил испратен вработен во Генералниот конзулат во Битола, за да го расчисти случајот и да се установи дали овој инцидент има етничка позадинa.

Дел од политичките партии овој инцидент го осудија. Бугарските медиуми пак јавија дека Кадриески бил соборен на земја и клоцан, а напаѓачот, од Велешта, го навредувал по етничка основа .

Инаку Кадриески е државјанин на Македонија, живее во струшко Лабуништа, нема бугарски пасош, но изјавува дека има бугарски идентитет.