Швајцарците на референдум го потврдија зголемувањето на корпоративните даноци и климатските цели

Со двата референдума одржани во неделата, Швајцарците одобрија усогласување на домашното законодавство со светскиот минимален корпоративен данок и воведување климатски закон со цел да се намали употребата на фосилни горива и да се постигнат нула емисии до 2050 година, објави телевизијата SRF.

Резултатите покажаа дека речиси 80 отсто од оние што гласале на националниот референдум во неделата го поддржале зголемувањето на деловниот данок во земјата на минималната светска стапка од 15 отсто, од сегашниот просечен минимум од 11 отсто, што е невообичаено силна поддршка за Швајцарија.

„Со ова се обезбедува дека Швајцарија нема да ги загуби даночните приходи кон странските земји. Тоа ќе создаде и правна сигурност и стабилна рамка“, рече министерката за финансии Карин Келер-Сатер.

Законот за климата, исто така, беше прифатен и доби поддршка од 59 отсто од гласачите.

Во 2021 година, Швајцарија се приклучи на речиси 140 земји кои го потпишаа договорот на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) за утврдување минимална даночна стапка за големите компании. Целта на овој данок е да се спречи префрлање на добивката во земји со пониски даночни стапки.

И по зголемувањето, Швајцарија и натаму ќе има една од најниските стапки на корпоративни даноци во светот, а предлогот за референдум, кој се очекува да носи 2,8 милијарди долари годишно во буцетот, беше поддржан од бизнис групациите, повеќето политички партии и јавноста.

Законот за климата, ставен на гласање во изменета форма откако беше отфрлен во 2021 година како прескап, предизвика поголема јавна дебата.

Неговите поддржувачи веруваат дека тоа е минимумот што богатите земји треба да го направат за да ја покажат својата посветеност во борбата против климатските промени, додека противниците како што е десничарската Народна партија тврдат дека тоа ќе ја загрози енергетската безбедност. Швајцарија сè уште увезува околу три четвртини од вкупната енергија.

Во Швајцарија се наоѓаат канцелариите и седиштата на околу 2.000 странски компании, вклучувајќи го и американскиот технологшки гигант „Google“, како и 200 швајцарски мултинационални компании, како што е „Nestle“. Иако сите ќе бидат погодени, деловните групации ја поздравија поголемата сигурност што ќе ја донесе новиот данок, дури и ако Швајцарија изгуби дел од својата привлечност со ниските даноци.