Тројца полицајци и војник од Косово влегле во Македонија; од МВР велат дека биле помош за несреќата кај Лепенец

Министерството за внатрешни работи се огласи откако пратеникот Драган Ковачки преку објава на социјалните мрежи истакна дека полицајци и војник од Косово се влезени во Македонија.

МВР вели дека косовски полицајци влегле во земјава по вчерашната трагедија кога возило од Косово падна во реката Лепенец.

-Вистината е дека по трагедијата, а врз основа на меморандумот за соработка што го имаме со косовската полиција, а со цел поддршка на нашите екипи во потрагата по косовските граѓани, уште вчера пристигна екипа со опрема од косовската полиција и таа постојано работеше со нашите полициски службеници, велат од МВР.

„До нас стигна информација дека тројца полицајци и еден војник на Косово се влезени на наша територија и дека биле задржани од нашите полицајци во с. Орман, обелодени денеска Драган Ковачки.

„Главното прашање е како може припадници на странски униформирани вооружени сили да престојуваат на наша територија без придружба на МВР.

Спасовски нека шета по кампањи рамо до рамо, а странски униформирани лица нека ни шетаат во државата“ – напиша Ковачки на фејсбук.