Ковачевски вели во правосудството треба да се направи ремонт

Неизвесно е како, но и премиерот Димитар Ковачевски е на став дека треба да се направи како што вели ремонт на одредени институции во правосудството.

Прашан околу најавите на министерот за правда Кренар Лога за евентуални законски преодни одредби за престанок на мандатот на членовите на Судскиот Совет, Ковачевски вели дека неопходен е систем во правосудството кој ќе утврди одговорност за слабите резултати.

-Треба да се направи ремонт на одредени и институции, процеси па и закони во делот на правосудството бидејќи сите анализи тоа го покажуваат. Сите изјави од странски дипломати тоа го покажуваат. Во правосудството, како и во секоја организација, има личности кои што се врвни професионалци, но има и поединци како и во секој систем кои немаат перформанси на ниво на кое треба да имаат. Затоа треба да има систем во правосудството кој ќе може да дијагностицира одговорност, таа има име и презиме, изјави – Димитар Ковачевски – Претседател на Влада.

Предлогот за кој Лога рече дека треба да се разговара и со пратениците од власта и опозицијата, ако е законски издржан ќе го поддржи ВМРО ДПМНЕ. Денеска од пратеничката група побараа на дневен ред во собранието да се стави информацијата за состојбите во Судскиот совет и негова оставка во целст.

-Метастазирани се Судскиот совет, судовите, обвинителствата. Одговорност за ова мора да има. Затоа, најпрвин бараме ставање на точката за Информација за состојбата во Судскиот совет на дневен ред, уште на првата наредна седница, оставка од Судскиот совет во целост, а потоа и одговорност од Владата, изјави – Дафина Стојановска – Пратеник од ВМРО ДПМНЕ.

Во советот се уште молк по најавите за нивно можно распуштање. Неколкумесечните превирања во ова тело кулминираа со разрешувањето на Весна Дамева од претседателската позиција во април а потоа и изборот на Сашко Георгиев. Следуваше изјавата на холандскиот амбасадор Коп дека Судскиот совет е нелегитимно тело а неодамна и двајцат членови си поднесоа оставки, а последна во низата беше анкетата меѓу судиите и обвинителите на ОБСЕ која покажа висока недоверба во Судскиот совет и негативни критики за правосудниот систем.