
Петте лица во исчезнатата подморница „Titan“ загинале во „катастрофална имплозија“, изјави функционер на американската Крајбрежна стража во четвртокот, објавувајќи завршување на големата потрага по батискаф загубен во текот на своето патување кон останките на потонатиот легендарен паропрод „Титаник“ кој потона пред еден век на своето прво патување.
„Овие луѓе беа вистински истражувачи кои споделуваа посебен авантуристички дух и длабока страст за истражување и заштита на светските океани. Нашите срца се со овие пет души и со секој член од нивните семејства во овие трагични моменти“, се истакнува меѓу другото во објавата на компанијата „OceanGate Expeditions“, којашто управува со подморницата „Titan“.
Беспилотниот подводен робот испратен од канадски брод ги открил остатоците од подморницата во четвртокот утрото на околу 488 метри од прамецот на стогодишната руина од некогашната гордост на британската цивилна морнарица, на две ипол милји (четири километри) под површината, изјави контраадмиралот на американската Крајбрежна стража Џон Маугер на прес-конференцијата.
„Остатоците се во согласност со последици од катастрофалното губење на комората за притисок“, прецизираше Маугер.
Далечински управуваната подморница која беше во потрага по исчезнатата туристичка подморница „Titan“ открила во четвртокот на дното на Атлантскиот Океан „поле со остатоци“ во близина на остатоците на „Титаник“, соопшти претходно американската Крајбрежна стража.
Спасувачки тимови од неколку земји четири дена минаа пребарувајќи површина од илјадници квадратни милји отворено море со авиони и бродови во потрага по каква и да е трага од 6,7 метри долгиот „Titan“, со кој управува „OceanGate Expeditions“ чие седиште е во САД.
Откривањето на подводните звуци во вторникот и во средата со користење на сонарските бови спуштени од канадските авиони привремено пружи надеж дека луѓето во подморницата се живи и дека се обидуваат да комуницираат ударајќи по трупот на пловилото. Меѓутоа, властите предупредија дека анализата на звуците не дала убедлив заклучок и дека звуците можеби воопшто не доаѓале од „Titan“.
Дури и подморницата да останала цела, резервата на воздух во неа беше проценета на 96 часа кога била нурната во морето во неделата утрото по локално време. Тоа значеше дека патниците веројатно останале без кислород до четвртокот околу 13,18 часот. Според некои стручњаци, смртта кај патниците настапила моментално, а не со агонија.
Во подморницата биле капетанот, кој пилотирал со неа, и четворица патници, коишто веројатно ја платиле цената од 250.000 долари по место, колку што на своите мрежни страници го рекламира „OceanGate Expeditions“ патувањето до потонатиот пароброд.
Еден од патниците на исчезнатата подморница беше британскиот претприемач и милијардер Хамиш Хардинг. Овој 58-годишен авијатичар и вселенски турист, основач на компанијата „Action Aviation“ во неделата на својот профил на Instagram објави дека со горд ѝ се приклучува на мисијата на „OceanGate Expeditions“.
Во подморницата биле и пакистанскиот бизнисмен Шахзада Давуд и неговиот 19-годишниот син Сулејман. Давуд е потпретседател на пакистанскиот конгломерат „Engro“, компанија со седиште во Карачи со портфељи во енергетиката, земјоделството, петрохемијата и телекомуникциите.
Меѓу патниците биле и францускиот океанограф Пол-Анри Наржеоле, ветеран во истражувањата на големи длабочини и стручњак за „Титаник“, како и Стоктон Раш, основач на „OceanGate Expeditions“, сопруг на потомка на една од жртвите на „Титаник“.
Овој пароброд тежок околу 46 илјади тони, најавуван како најбезбедниот и најдобар брод за пловење преку Атлантикот, со 2.224 патници во април 1912 година удрил во санта мраз на патот од англиски Саутемптон во американски Њујорк. Во потонувањето на „непотопливото чудо на индустриската ера“ загинеле повеќе од 1.500 лица, меѓу нив и многу аристократи и индустријалци и едни од најбогати луѓе во тоа ера.
Остатоците од „Титаник“ во 1985 година ги откри американско-француска експедиција, што беше основа и за славниот истоимен холивудски филм од 1997 година кој, пак, го поттикна лукративниот но ризичен подводен туризам.