
Германија планира да стационира дополнителни 4.000 војници во Литванија за да помогне во обезбедувањето на источното крило на НАТО, изјави денеска германскиот министер за одбрана Борис Писториус.
– Германија е подготвена трајно да стационира силна бригада во Литванија. Неопходно е да се изградат капацитети за сместување на војниците, рече Писториус во Вилнус, главниот град на Литванија.
Литванија повеќе пати ја повика Германија да распореди борбени сили во земјата, која се граничи со руската енклава Калининград. Германија во јуни минатата година вети дека ќе има бригада целосно подготвена да ја брани Литванија во случај на напад.
Но, Берлин досега се спротивставуваше на трајно стационирање на поголемиот дел од бригадата во Литванија, инсистирајќи на тоа дека војниците може брзо да бидат распоредени од базите во Германија.
Во малиот град Рукли во Литванија моментално има само командно место на бригадата со околу 20 германски војници. Останатиот дел останува на различни локации во Германија. Други германски сили се во Литванија како дел од борбената група на НАТО предводена од Германија.