
На вториот ден од преодниот рок во НБА најсилно одекна веста за желбата на ѕвездата на Портланд Трејл Блејзерс, Демијан Лилард, да го напушти клубот во кој ги мина 11-те сезони меѓу најдобрите светски кошаркари.
Според американските медиуми, три тима се заинтересирани да го доведат седумкратниот Ол-стар играч кој ги одбележа последните 11 сезони на клубот од Портланд, станувајќи икона на Трејл Блејзерс откако им се приклучи во 2012 година како шести пик на драфтот.
Според ESPN, Мајами Хит, Филаделфија 76ерс и ЛА Клиперс се заинтересирани за размена на играчи што би го донела Лилард во нивниот тим. Истиот извор наведува дека одличниот стрелец и шпиц би сакал да се пресели во Мајами, но генералниот директор на Трејл Блејзерс, Џо Кронин, ќе бара сличен профил на играч како замена за неговата најголема ѕвезда, што би значело дека Мајами не е неговиот прв избор.
Лилард на 15-ти јули ќе го прослави својот 33 роденден, а минатата сезона одигра само 58 натпревари. Сепак, во нив имаше просек од 32,2 коша и 7,3 асистенции. Посебно за паметење е натпреварот одигран на 26-ти февруари, во кој на Хјустон Рокетс им даде 71 кош.
Овогодинешниот драфт покажа дека се подготвуваат за промена на насоката и реорганизација на надворешните позиции во Портланд, каде што го искористија третиот пик за да го доведат 19-годишниот бек Скат Хендерсон, кој доаѓа од развојната лига на НБА.
Во Портланд, пак, се договорија да останат со крилниот напаѓач Џерами Грант, кој ќе потпише петгодишен договор вреден 160 милиони американски долари.
Домантас Сабонис и Ламело Бол се согласија на повеќегодишни договори потенцијално вредни над 200 милиони долари за да останат во тимовите за кои играа минатата сезона. Синот на славниот литвански кошаркар и еден од најдобрите европски кошаркари на сите времиња, Арвидас Сабонис, треба да додаде уште четири години на постоечкиот договор, што би требало да му донесе приход од 217 милиони долари во следните пет години.
Ламело Бол, најдобриот дебитант во лигата во сезоната 2020/2021 година, ја доби максималната сума за да остане во Шарлот Хорнетс, која може да изнесува дури 260 милиони долари во следните пет години.
НБА тимовите веќе подолго време посегнуваат по играчи од Евролигата, па овој преоден рок не е исклучок. Откако годинешниот МВП на елитното клупско натпреварување, Бугаринот Александар Везенков прифати тригодишен договор вреден 20 милиони долари за преселба од Олимпијакос во Сакраменто Кингс, 29-годишниот српски шпиц Василије Мициќ, двократен европски шампион со Анадолу Ефес замина во НБА, а воедно беше и најкорисен играч на двата фајналфор каде што триумфираше турскиот клуб, а во 2021 година ја освои и доби наградата МВП за целата сезона во Евролигата. Мициќ ќе заработи 23,5 милиони долари за тригодишен договор со Оклахома Сити Тандер.
Сезоната која Данте Ексум ја играше во дресот на белградски Партизан не остана незабележана од НБА скаутите, па 27-годишниот австралиски плејмејкер ќе се врати во лигата во која влезе во 2014 година како петти пик на драфтот. Повредите го спречија да го покаже целиот свој потенцијал, но во Далас веруваат дека претстојат најдобрите кошаркарски години на Ексум, па го доведоа да ги поддржи Лука Дончиќ и Кајри Ирвинг.
Тексас е местото на големи кошаркарски вести. Најголемо секако беше доаѓањето на Французинот Виктор Вембањама во Сан Антонио Спарс за кого наскоро ќе го одигра првиот натпревар во Летната лига. Но, исто така прават големи потези и во Хјустон. Откако го „киднапираа“ Фред ВанВлит од Репторс и му дадоа тригодишен договор вреден 130 милиони долари, Рокетс во својот тим го доведоа и Дилон Брукс, кој ги напушти Мемфис Гризлис, а за четири години во Хјустон треба да заработи 80 милиони долари. Попатно му дадоа и на центарот Џок Лендејл 32 милиони за четиригодишен договор.
Кенион Мартин Јуниор ги напушти Рокетс, и ќе ги засили ЛА Клиперс. Тимот од Лос Анџелес го врза Расел Вестбрук на уште две години, а вкупната вредност на тој договор е 7,8 милиони американски долари.
Д’Анџело Расел и Остин Ривс остануваат во Лос Анџелес, но во дресот на Лејкерс. Двегодишниот договор на Расел е вреден 37 милиони долари, додека на недрафтениот Ривс му беше доделен максимален четиригодишен договор вреден 56 милиони долари за неговата одлична игра минатата сезона.