
При денешната посета на општина Кисела Вода претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа што Ковачевски тврди дека не знаел ништо за случајот со Мерко, истакна дека Ковачевски знае да е премиер, да ужива привилегии и да троши народни пари, а не знае што се случува во државата, затоа неопходни се избори, меѓу останатото, и за да биде одглавен евроинтегративниот процес во Македонија.
„Тука не знам што е пострашно, дали прво тоа што тој ништо не знае, а е премиер, знае да е премиер и да ги ужива привилегиите и да ги троши народните пари, а ништо не знае што му се случува во државата. Ако јас не знам што се случува во државата, а сум премиер, тогаш за што сум премиер, подобро да си заминам, нема потреба да бидам премиер. Тој не е аналитичар, да е аналитичар ќе го викаат на ТВ дебати со новинари, па ќе прави анализа. Второ, од како дозна, што направи? Еве сега дозна, веќе не може да каже не знам и сега што правиме, што направи? Ништо, тоа е суштината и заради тоа мора тие да си заминат бидејќи колку подолго се таму, толку посиромашен е народот и толку повеќе Македонија ќе губи. Тоа е пораката, затоа час поскоро избори, меѓу другото и да биде одглавен евроинтегративниот процес во Македонија. Меѓу другото и тоа затоа што вака како што ја тераат работата не само што ќе се заглавиме, не само што ќе го испуштиме туку и уште долго време ќе бидеме во чекалната“, нагласи Мицкоски.