Растот во рударскиот сектор ги поддржа европските берзи

На европските берзи во понеделникот во претпладневното тргување индексите благо пораснаа, што најмногу се должи на растот на цените на акциите во рударскиот сектор, бидејќи се очекуваат дополнителни стимулативни мерки за кинеската економија.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во 9,30 часот порасна за 0,2 отсто.

Истовремено, лондонскиот FTSE индекс зајакна за 0,16 отсто, на 7.545 поени, додека франкфуртски DAX се зголеми за 0,28 отсто, на 16.195 поени, а париски CAC за 0,27 отсто, на 7.419 поени.

Најмногу утрово поскапеа акциите на рударските компании, во просек за 1,1 отсто, бидејќи цените на суровините растат, со оглед на тоа што инвеститорите се надеваат на нови економски стимулативни мерки во Кина, најголемиот светски увозник на суровини.

Цените на акциите пораснаа и на азиските берзи. Индексот MSCI на азиско-пацифичкиот регион, со исклучок на Јапонија, беше околу 9,30 часот со раст од 0,8 отсто.

Истовремено, јапонскиот индекс Nikkei зајакна за 1,7 отсто, додека цените на акциите во Австралија, Шангај, Јужна Кореја и Хонгконг пораснаа меѓу 0,6 и 2,1 отсто.

Пазарите се поддржани од надежите на инвеститорите дека кинеските власти наскоро ќе воведат нови стимулативни мерки, имајќи предвид дека сите најнови податоци покажуваат дека растот на втората по големина светска економија е значително побавен од очекуваното по укинувањето на рестриктивните мерки за коронавирусот.

Бавно растат и другите најголеми економии во регионот, што го покажуваат податоците за индустриското производство објавени утринава.

„Најлошото за азиските фабрики можеби е минато, но производството не успева да заживее, бидејќи изгледите за брзо закрепнување на кинеската економија се затемнети. Дополнително, поради зголемувањето на каматните стапки од страна на Fed, растот на американската економија се забавува, така што изгледите за значителен раст на производството се мрачни“, вели Тору Нишихама, економист во Dai-ichi Life Research Institute.