
Општина Карпош за в среда има закажано седница на Советот, на која ќе се гласа за промена на Деталниот урбанистички план Ј03 блок 02, а за што жителите на општината уште одамна искажаа незадоволство.
Според реакциите, градоначалникот Стевче Јакимовски в среда ќе се обиде детското игралиште, фонтаната и огромното зеленило покрај булеварот „Теодосиј Гологанов“ да ги претвори во згради.
Редакцијата на МКД.мк добила писмо потпишано од голем број жители на Карпош, кои за в среда пред Универзитетот за туризам и менаџмент, каде што треба да се одржи седницата на Советот на општината, најавуваат протест.
Според нив, ова е „криминална промена на урбанистички план во Општина Карпош од страна на сегашниот градоначалник Стевче Јакимовски“.
Писмото го пренесуваме во целост:
„Овој план содржи сервисна улица пред зградите од булеварот ‘Митрополит Теодосиј Гологанов’, од број 149 до фабриката ‘Реплек’. Тоа е зелениот појас кој почнува од спротива на старата болница ‘Систина’ до ‘Реплек’, преку улица на студенскиот дом ‘Гоце Делчев’. Тука има игралиште за деца и фонтана и шеталиште за жители од 17 згради.

Прашања до градоначалникот Стевче Јакимовски и до советниците кои ќе гласаат за овој предлог – Дали за ова ве избравме? Дали го заслужуваме ова? Дали вреди за 3 згради и профит за два-тројца да се уништува животот на 3.000 жители од ‘вашата’ oпштина?
Утре ќе се поднесат потписи од огромна група на незадоволни граѓани за бришење на оваа точка од дневен ред, а воедно најавуваме и присуство на истите тие незадоволни граѓани на седницата на Општина Карпош в среда вo 10 часот во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент-Скопје“.