
Заканата од некаков вид на украинска саботажа на нуклеарната централа Запорожје во јужна Украина, која е под руска контрола, е висока и се преземаат мерки за да се спротивстави на заканата, соопшти во средата Кремљ.
Украина и Русија во вторникот меѓусебно се обвинија дека планираат напад на најголемата нуклеарна централа во Европа.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите во текот на редовниот дневен брифинг дека последиците од таквата саботажа можат да бидат катастрофални.
„Ситуацијата е доста напната бидејќи навистина постои голема закана од саботажа од режимот во Киев, што може да има катастрофални последици. Режимот во Киев повеќепати ја покажа својата подготвеност да направи нешто такво. Затоа, се преземаат сите мерки за да се потисне таквата закана“, рече Песков,
Западните медиуми забележуваат дека портпаролот на Кремљ не презентирал докази за да го поддржи тврдењето за украинска закана.
Руските сили уште на почетокот од инвазијата во Украина кон крајот на ланскиот февруари ја преземаа контролата врз нуклеарната централа Запорожје. Оттогаш и двете страни редовно ја обвинуваат другата за гранатирање околу електраната и за ризик од голем нуклеарен инцидент, иако малку е веројатно дека руската војска би ги гранатирала своите единици и централата којашто од ланската есен е приклучена на енергетската мрежа на Русија.
Украинските вооружени сили би можеле да се обидат да ја нападнат електраната веќе ноќта во средата, користејќи високопрецизни проектили со долг дострел или беспилотни летала камиказе, предупреди во вторникот вечерта на државната телевизија Ренат Карчаа, советник на шефот на руската агенција за атомска енергија „Росенергоатом“. Додаде и дека, според информациите што ги добиле во операторот, постоел наводно и украински план над нуклеарната да биде испуштена и радиоактивна материја од истрошено нуклеарно гориво подигнато во понеделникот од централа која е под контрола на украинските власти.
Украинскиот Генералштаб, пак, во својот дневен извештај напиша дека руските сили наводно поставиле експлозивни направи на покривот на електраната. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека го предупредил својот француски колега Емануел Макрон за „опасните провокации“ на Русија во врска со нуклеарната централа.