
Просечната светска температура достигна нов максимум во понеделникот на 3-ти јули и првпат надмина 17 степени Целзиусови, објави во средата BBC.
Американските истражувачи рекоа дека новиот рекорд е највисок во однос на која и да е скала на мерења која се спроведвуа од крајот на XIX век.
Научниците веруваат дека топлината е предизвикана од комбинација на природен временски феномен познат како Ел Нињо и емисиите на јаглерод диоксид.
Потврдено е и дека минатиот месец бил најтоплиот јуни досега во светот.
Научниците од американскиот Национален центар за предвидување на животната средина соопштија дека на 3-ти јули просечната глобална температура достигнала 17,01 Целзиусови степени, соборувајќи го претходниот рекорд од 16,92 Целзиусови во август 2016 година.
Научниците се загрижени поради порастот на температурата и на копното и на морето од почетокот на оваа година.
Рекордните пролетни горештини во Шпанија и многу азиски земји беа придружени со морски топлотни бранови во области каде што вообичаено не постојат, како што е Северното Море.
Долготрајниот топлотен бран продолжи во Кина и оваа седмица со температури над 35 степени Целзиусови на некои места, додека јужниот дел на САД беше изложен на задушливи услови.
Вредноста на температурата измерена во понеделникот е највисока од почетокот на сателитското набљудување во 1979 година. Експертите веруваат дека ова е највисоката температура измерена од почетокот на широко распространетите инструментални мерења на крајот на XIX.
„Просечната глобална температура на површинскиот воздух достигнува 17 степени Целзиусови првпат откако имаме веродостојни податоци е важна симболична пресвртница во нашиот свет што се загрева“, тврди климатскиот истражувач Леон Симонс.
„Сега кога започнува потоплата фаза на Ел Нињо, можеме да очекуваме многу повеќе уривање на дневни, месечни и годишни рекорди во текот на следната година и половина“, предупреди Симонс.
Велика Британија го забележа најтоплиот јуни годинава, а влијанието на високите температури се чувствува и на крајните делови на светот. На Антарктикот соборен е јулскиот температурен рекорд од 8,7 степени Целзиусови, прочитан во украинската истражувачка база Вернадски.
Научниците веруваат дека како што летото напредува и Ел Нињо се засилува, временските услови ќе се влошуваат.
„Шансите се дека јули ќе биде најтоплиот досега: ‘некогаш’ значи уште од Еемскиот период пред околу 120.000 години“, вели Карстен Хаустејн од Универзитетот во Лајпциг, мислејќи на меѓуглацијалниот период кој започнал пред 130.000 години.
„Иако температурите на јужната хемисфера малку ќе се намалат во следните неколку дена, шансите се дека ќе има уште потопли денови во јули и август, бидејќи Ел Нињо сега е во полн ек“, додава тој.