
Министерот за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, во рамки на претседавањето со Организацијата во 2023 година, денеска ја презентираше новата иницијатива за формирање на Охрид Центар за мир и медијација. Османи, истакна дека идејата е овој Центар да биде белег на нашето претседателство со ОБСЕ, истиот ќе е од истражувачки карактер и под покровителство на Организацијата. Целните групи кон кои ќе се насочи Центарот ќе бидат младите, жените, дипломатите, академската заедница и граѓанското општество.
-Да формираме Центар за мир и медијација, кој во суштина ќе биде наш национален ентитет но под покровителство и под капата на ОБСЕ а кој ќе работи на истражувања, обуки и размена на искуства поврзани со решавањето на конфликти и спорови. Да создадеме Центар во Охрид како производ на партнерство помеѓу Владата на Северна Македонија и ОБСЕ кој ќе тежнее да прерасне во регионален центар за мир, посредување, решавање конфликти и форум за регионален безбедносен дијалог и истражување, во рамки на целиот ОБСЕ регион“-рече Османи.
Идејата е да се користат домашните искуства и успешни примери за Охрид Центарот да стане регионален но и „хаб“ во рамки на целиот ОБСЕ регион за истражување, анализи, медијација и политички препораки при решавање на спорови и конфликти. Центарот ќе нуди совети, обуки, политики и конкретни услуги за медијација и поддршка на процесите на решавање спорови кои можат да бидат од внатрешна или меѓудржавна природа.
-Охридскиот договор како и неговото континуирано спроведување од самиот почеток, беше силен аргумент во корист на Северна Македонија, како и пример за позитивна балканска динамика дури и во политички турбулентен период и регион. Нашето искуство, исто така, понуди видлив контраст со другите договори за обезбедување мир и стабилност на Балканот, доколку домашните актери се посветени и меѓународната заедница реагира навремено. Процесот на решавање на разликата околу таканареченото прашање за името и преговорите со Грција се вториот најконкретен пример за успешно „решавање спорови“ со изразен домашен влог и иницијатива. Фактот дека неколку години по потпишувањето на Договорот од Преспа, билатералните односи меѓу двата соседа се во нагорна линија и овозможија зголемена трговска, одбранбена, меѓуопштинска и економска соработка, исто така покажува дека Северна Македонија има корисни искуства и научени лекции дека може да им понуди на своите соседи, но и на земјите од поширокиот регион на ОБСЕ, рече Османи.