
Имаме низа на анкети кои укажуваат на фактот дека на наредните парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи со сооднос 2 наспрема 1. Овие резултати опфаќаат категорија на граѓани што се изјаснуваат како неопределени и резултатите би биле далеку по големи од ова, истакна пратеничката и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Рашела Мизрахи во вечерашното гостување во емисијата „За или против“ на Телевизија Алфа.
„Имаме фрапантен податок каде 85% од населението смета дека се движи во погрешна насока, а само 14% од испитаниците тврдат дека ова е вистинската насока за држава во која живеат. Ова се најфрапантните негативни податоци како опомена за власта дека не ја чувствуваат за своја и ја движат државата во погрешна насока“, кажа Мизрахи.
Додаде дека фрапантен податок е и тоа што 3 проценти од граѓаните сметаат дека Владата на Ковачевски се справиле со проблемите, додека 78 отсто велат дека Владата не се посветила на решавање на круцијалните проблеми во оваа држава.
Мизрахи истакна дека 71 отсто од граѓаните во Република Македонија велат дека оваа Влада не е одговорна, ниту, пак, е отворена кон јавноста.
Децидна е дека најголемиот проблем на оваа држава е владеењето на правото.
„Владата се грижи само за едно а тоа е корупција и криминал за да ги полнат сопствените џебови пред да ја напуштат власта“, вели Мизрахи.