
Најмалку шест лица загинаа, а дванаесет се повредени во серија бомбашки напади насочени кон безбедносните сили во близина на мексиканскиот град Гвадалахара.
Мексиканските власти објавија дека осум рачно изработени експлозивни направи биле поставени на пат во сојузната држава Халиско, од кои седум експлодирале додека минувал полициски конвој. Загинале четворица полицајци и двајца цивили, а повредени се 12 лица, меѓу кои три деца на возраст од 9, 13 и 14 години.
„Тоа е нешто што никогаш досега не сме го виделе овде“, рече гувернерот на Халиско, Енрике Алфаро, кој претседава со една од најнасилните држави во Мексико, со 1.095 убиства и 750 исчезнувања од почетокот на годината.
Гувернерот го осуди „бруталниот чин на тероризам“ кој претставува „предизвик за целата мексиканска држава“ и за нападот ја обвини неименувана банда која се занимава со криумчарење дроги.
Во Мексико, каде бруталните насилни пресметки последните децении станаа секојдневие, нападите со експлозиви сè уште се релативно ретки.
Главниот обвинител на државата Халиско, Луис Мендез изјави дека експлозиите биле толку силни што оставиле кратери на патот и уништиле најмалку четири возила.
Во федералната држава во која се случија експлозиите, контролата на каналите за криумчирање ја има нарко-картелот Халиско Нова генерација, моќна организација која често се судира со други криминални групи. Картелот Халиско, исто така, беше обвинета за претходни напади со употреба на импровизирани експлозивни направи и беспилотни летала кои носеа бомби, што е доказ за софистицираноста и смртоносната генијалност на таквите групи.