
Економската и енергетската криза го преполови бројот на такси компании во источниот регион. Во градот Штип, со над 40 000 жители и без јавен превоз оперираат само 150 до 200 такси возила, а се соочуваат и со недостаток на возачи.
– Едно време на тие 200 возила имаше по двајца тројца возачи и полесно се покриваше временскиот период. Сега веќе дали ќе се најде и по еден возач на едно возило и нормално, едни возат од сабајле, други напладне, малкумина возат навечер и реалната слика е дали едвај 100 возила возат во секој момент – изјави Глигор Арсов, Здружение на такси-превозници – Штип.
Според Арсов потребна е најмалку 10 годишна стратегија на локално и централно ниво, која ќе гарантира сигурност за вложување во овој бизнис.
– Кој и да сака да инвестира, мора да купи 10 до 20 возила, во поголемите градови од 30 до 50 возила. Тоа е инвестиција од половина милион евра и кој би се осудил да инвестира кога никој не му гаранатира после 3 месеци што ќе се случува- додаде Арсов
Такси компаниите бараат либерализација во финансиското работење, зашто зависат од одлуките на локалните Совети за висината на тарифата, што е дополнителна пречка при оформување на економската или поточно, рентабилната вредност на такси услугите.
– Цената ние самите да ја одредуваме, да не мора да бидеме зависни од советите, бидејќи Советот дали еднаш во годината ќе понуди можност нешто да се промени, а може ниту еднаш- изјави Арсов
Дополнителен проблем е и воведувањето на еуро 5 стандардот, што ќе доведе до намалување на и така скромниот возен парк на такси компаниите.