Меџити формира ново политичко движење во албанскиот блок

„Формирам ново политичко движење во албанскиот блок – изјави за „ТВ 24“ поранешниот потпретседател на ДУИ и неформален лидер на огнената фракција, Изет Меџити. Во новата политичка партија на Меџити ќе ги нема Блерим Беџети, Невзат Бејта и Муса Џафери, бидејќи како што веќе објави, тие се против нова партија.

Ова движење ќе делува опозициски, најави Меџити.

Со тоа заврши фракциската борба на пратениците Изет Меџити, Мерита Колчи Коџаџику, Кастриот Реџепи, на екс-заменик министерот Башким Асани, на градоначаникот Висар Ганиу и на други истакнати членови и функционери во ДУИ. Од денеска тие не се членови на оваа партија. Тие формираат нова партија која ќе биде опозициска.
Во новата партија нема да бидат „огнените“ Муса Џафери, Блерим Беџети, Невзат Бејта и други. Тие одлучија да останат фракција во ДУИ и да ги решаваат сите проблеми со „демократска дебата и легитимни одлуки“.

Овој чекор на Меџити следи по бојкотот на внатрепартиските избори во општинските ограноци и исфрлањето на приврзаниците на „огнените“ од јавните функции. Портпаролот Бујар Османи им порача: „Кој се запишал, тој е во ДУИ“.
Новата партија, која сè уште нема име, ќе значи и намалување на парламентарното мнозинство. Тројца пратеници од власта сега ќе делуваат опозициски. ДУИ не успеа да ја задржи компактноста на пратеничката група и да ги дисциплинира „огнените“, кои цела година упатуваат остри забелешки за министрите од оваа партија и обвинувања за самоволие и властољубие од вицепремиерот Артан Груби.