
Повреден е пожарникар од Територијалната Противпожарна единица во Свети Николе, информира портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова преку писмено соопштение. Во него се вели дека пожарникарот е повреден вчера при интервенција на пожар во селото Ерџелија. Настанот во Полициската станица Свети Николе бил пријавен вчера околу 11.45 часот.
– При гаснење на пожар во штала во село Ерџелија, светиниколско, со повреди се здобил 49 годишен пожарникар од Територијалната противпожарна единица Свети Николе. За случајот бил запознаен Јавен обвинител, а увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Свети Николе, се вели во писменото соопштение на СВР-Штип.
Изминатите денови пожарникарите имаат голем број на интервенции на стрништа, сува трева и нискостеблеста шума. Поголем дел од пожарите се предизвикани намерно со палење на стрништата по жетвата на житните култури.