
Рускиот претседател Владимир Путин изјави во петокот, на последниот ден од руско-африканскиот самит во Санкт Петербург, дека Москва и земјите од континентот се обврзале дека ќе го поттикнуваат и промовираат „мултиполарниот светски поредок“ и оти ќе се борат против „неоколонијализмот“.
„Потврдена е определеноста на сите наши држави за формирање праведен и демократски мултиполарен светки поредок…“, рече Путин во завршниот говор пред претставување на заедничката декларација којашто ја содржи и формулацијата за „заедничката решителност во борбата против неоколонијализмот“ и „незаконските санкции“ коишто ги воведуваат западните земји.
Русија, којашто таканаречениот колективен Запад се обидува меѓународно да ја изолира особено по нејзината инвазија во Украина на крајот од февруари 2022 година, во четвртокот и петокот го одржа вториот руско-африкански самит од 2019 година на кој се потпишани десетици разни договори со кои Москва сака да го зголеми руското присуство на африканскиот континент.
На самитот учестуваа дури 49 од вкупно 54 африкански земји, а 17 од нив се претставени со претседатели на државите и четири со премиери. Кремљ претходно објави дека САД и Франција „бесрамно“ преземаа сѐ да ги наговорат другите земји да не учествуваат на самитот.
По самитот е прифатена и заедничката декларација во којашто се предвидува поцврста соработка на полето на снабдувањето со храна, енергенси и помош во развојот на африканските земји.
Во завршната заедничка изјава африканските челници и Москва повикуваат на „воспоставување поправеден, урамнотежен и одржлив мултиполарен светски поредок, со решително противење на секоја форма на меѓународен судир на африканскиот континент“.
Во изјавата, покрај тоа, се наведува дека Русија ќе им помогне на африканските земји да ја „добијат отштетата за економската и хуманитарна штета која им ја нанела колонијалната политика“ на Западот и во „враќањето на украдените културни добра“.
Путин во обраќањето додаде и дека во текот на работната вечера ќе разговараат и за ситуацијата во Украина со „заинтересираните африкански земји“.
„Претставниците на африканските држави покажаа политичка волја, независност и вистински интерес за развивање на соработката со нашата земја“, истакна рускиот претседател.
Како што најави Путин руска-африканскиот состанок на врвот во иднина ќе се одржува на секои три години и ќе биде воспоставен „механизам за партнерство и дијалог за безбедносните прашања“, вклучително и борбата против тероризмот, прехранбената сигурност и климатските промени.
„Исто така, разговараме за тоа како системски да преминеме на националните валути, меѓу кои е рубљата, во финансиското регулирање на трговското работење“ меѓу Русија и африканските земји, додаде Путин.
Претходно во четвртокот Путин им вети на најсиромашните африкански земји бесплатни испораки на житарките следните месеци, во коишто ќе биде вклучен и транспортот и осигурувањето на товарите кои ќе ги плати Москва, и потсети дека со блокади и санкции западните земји ги оневозможија тие испораки а дека досега само 3 отсто од украинските житарки досега извезувани според договорот од кој се повлече Русија завршиле во сиромашните земји во Африка.