
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен повика во саботата на моментално ослободување на соборениот нигерски претседател Мохамед Базум и на обновување на демократскиот поредок во земјата.
Водачите на државниот удар во Нигер го именуваа во петокот генералот Абдурахман Тјани, познат и како Омар Тјани, на чело на државата објавувајќи дека го собориле претседателот Базум поради лажните ветувања дадени на населението за заштита од џихадистичките бунтовници додека ситуацијата во земјата се влошува. Станува збор седмо воено преземање на власта во западна и централна Африка за помалку од три години. Инаку ова е петти воен удар во Нигер од стекнувањет независност пред шест децении.
САД истанаа дека му нудат „безрезервна поддршка“ на соборениот претседател. Блинкен, исто така, ги предупреди оние кои го држат во притвор Базум дека ги ризикуваат „стотиците милиони долари помош“, но не се задржа на конкретни податоци за формата на таа помош.
Базум е првиот избран претседател кој стапи на должноста откако Нигер стекна независност во 1960-те години. Се смета за клучен сојузник на Западот во борбата притив исламските екстремисти во регионот, но неговите критичари тврдат дека токму во овој сегмент потфрлило неговото водство. Засега е познато дека е во добра состојба и дека е под надзор на припаднциите на Претседателската гарда која го изведе превратот.
Блинкен инаку по вторпат телефонски разговарал со Базум поледните неколку дена, велејќи дека Вашингтон ќе продолжи да работи на „обезбедување целосна обнова на утавниот поредок и демократското владеење во Нигер“.
Во разговор, пак, со Махамуд Исуфу, кој беше нигерски претседател пред Базум, Блинкен рекол дека „жали поради тоа што оние кои го приведоа Баузм се заканиле на години успешна соработка и стотиците милиони долари помош“, изјави портпаролот на дипломатијата Мет Милер.
Советот за безбедност на ОН го осуди ударот и повика на ослободување на Базум
Советот за безбедност при Обединетите нации повика на „моментално и безусловно“ ослободување на нигерскиот претседател Базум и ги осуди „напорите противуставно да се промени легитимната влада“ на Нигер.
Франција, чијашто колонијална империја до 1960-те години го вклучуваше и Нигер, соопшто дека не признава ниеден водач на државниот преврат и дека ќе го признае само Базум како шеф на државата.
.„Најостро го повторуваме јасното барање на меѓународната заедмица за моментално повторно воспоставување на уставниот поредок и демократски избраната цивилна власт“, се истакнува во сооопштението на француското министерство за надворешни работи.
Ударот во Нигер го осудија меѓународните тела, вклучително и Африканската унија, западноафриканскиот регионален блок Ecowas, ЕУ и ОН.
Државниот удар во Нигер, исто така, го турна регионот Сахел каде што е силен џихадистичкиот бунт, во натамошна неизвесност по сличните преземања на власта во Буркина Фасо и во Мали. Аналитичарите наведуваат дека Западот со тоа го губи влијанието во регионот, а некои од нив го поврзуваат тоа со избувнувањето на судирите во Судан откако тамошните власти договараа воена соработка со Русија на ниво и на воени бази, со јасно алудирање на борбата на големите сили за влијание на африканскиот континент.
ЕУ ја суспендираше финансиската помош и безбедносна соработка со Нигер.
Во саботата шефот за заедничка надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борел изјави дека Унијата ја запира своајата финансиска поддршка и безбедносна соработка со Нигер поради воениот удар во земјата.
„Освен запирањето на буџетската поддршка што веднаш стапува на сила, секоја соработка во доменот на безбедноста се запира на неодредено време со моментален ефект“, вели во писмената изјава Борел.
Пучистите, коишто ја добија поддршката од командата на нигерската војска незадоволна од начинот на сузбивање на џихадистичкиот бунт, во петокот го прогласија генералот Абдурахман Тјани за привремен шеф на државата.
Борел, исто така, порача дека ЕУ „не ја признава и нема да ја признае“ новата власт и дека Базум останива „единствен легитимен претседател на Нигер“, додека пучистите и повика да го ослободат „безусловно и без одложување“.
Ниегер, според тврдењата на западните земји прима големо количество помош и е клучен партнер на ЕУ во сузбивањето на нелегалните миграции од субсахарска Африка. ЕУ, исто така, спроведува воена обука на нигерските сили.
ЕУ издвоила 503 милиони евра од својот буџет за подобрување на управувањето, образованието и одржливиот раст во Нигер за периодот од 2021 до 2024 година, се наведува на официјалните мрежни страници на Унијата.
Генералот Тјани е именуван за „претседател на Националниот совет за заштита на татковината“ (CNPS), воената хунта која го притвори претседателот Базум.
Пучот, кој во средата го изведе Претседателската гарда, генералот го објасни со „влошување на безбедносната ситуација“ во Нигер, додека земјата, како што кажа, е лажена за вистинската ситуација и постојано се ослабува и поткопува од насилството на џихадистичките групи за чие сузбивање власта на Базум не се ангажирала доволно.
Генералот Тјани ја води Претседателската гарда од 2011 година кога на таа должност го именуваше поранешниот претседател и претходник на Базум, Махамаду Исуфу.
Претседателот Базуми е приведен со членовите на неговото семејство и во петокот му биле овозможени телефонски разговори со челниците на другите земји, меѓу кои и Францускиот претседател Емануел Макрон, кој „најостро“ го осуди пучот и побара негово ослободување.