Данска сака да ги ограничи протестите кои вклучуваат сквернавење на Куранот

Данската влада во неделата објави дека сака да ги ограничи евентуалните нови протести на коишто се планира сквернавење на светата муслиманка книга Куранот, поради безбедносните грижи што ги вклучуваат.

Нагласувајќи дека ваквите протести имаат корист за екстремистите и создаваат поделби, владата има намера да ја „преиспита“ можноста за интервенирање во ситуации кога, на пример, „се навредуваат други земји, култури и религии, а кои можат да имаат значителни негативни последици за Данска, особено во безбедносни услови“, се вели во соопштението на данското Министерство за надворешни работи.

„Ова, секако, мора да се направи во рамките на слободата на изразувањето заштитена со Уставот“, се додава, истакнувајќи дека ова е една од најважните вредности на Данска.

Неколку неодамнешни протести во Шведска и Данска, кои вклучуваа палење или друго сквернавење на примероци од муслиманската света книга, ги зголемија дипломатските тензии меѓу двете скандинавски и земјите од Блискиот исток.

Данското Министерство за надворешни работи забележува дека протестите „достигнале ниво во кое на Данска во многу делови од светот се гледа како на земја која дозволува навреда и омаловажување на културите, религиите и традициите на другите земји“. Се додава дека „главната цел“ на некои од овие протести е да се провоцира и дека „тие би можеле да имаат значителни последици“.

Данските и шведските дипломатски претставници беа повикани во министерствата за внатрешни работи во бројни земји на Блискиот исток.

Во посебна изјава, шведскиот премиер Улф Кристерсон во неделата изјави дека бил остварил контакт со неговата данска колешка Мете Фредериксен, потсетувајќи дека сличен процес веќе е во тек во Шведска.

„Почнавме да ја анализираме и правната ситуација за да разгледаме мерки за зајакнување на нашата национална безбедност и безбедноста на Швеѓаните во Шведска и ширум светот“, потсети Кристерсон во објавата на Инстаграм.

Шведска во четвртокот им нареди на својата армија и администрација да ги зајакнат подготовките против тероризмот во ситуација на влошена безбедност, по неколку епизоди во кои беше сквернавен Куранот.

Саудиска Арабија и Ирак за понеделник свикаа вонреден состанок на Организацијата за исламска соработка (OIC) со седиште во Џеда, на кој ќе се разговара за проблемот со сквернавењето на Куранот во двете скандинавски земји.