
Кавадарци ќе добие старечки дом како јавна институција, информираше денеска градоначалникот Митко Јанчев, во рамките на седница на Општинскиот Совет.
– Во преговори сме со Министерството за труд и социјална политика и во завршна фаза, заедно со Здружението на пензионери, земјиштето е земено во трајно користење, тоа е маркицата за изградба на старечки дом. Ќе има два објекта. Едниот објект ќе биде старечки дом за сместување и згрижување на лица, јавна а не приватна институција. Вториот објект ќе го градат пензионерите од сопствени средства, за дневни потреби, занимална, играорна сала – појасни градоначалникот.
План, е, додаде Јанчев, во 2024 година, Министерството и Општината да испланираат финансиски средства за оваа намена, а локалната самоуправа ќе партиципира со средства од локалниот буџет.
– Министерството финансира до педесет легла. Нашиот дом е проектиран на околу 80 легла, па остатокот од 30 легла во процентуалната финансиска конструкција, Општината ќе влезе со свои средства за изградба на тој дом – рече Јанчев.
Тој нагласи дека продолжува поддршката и соработката со централната власт.